Хрватска го забрзува користењето на средствата од ЕУ и доби речиси 20 милијарди евра повеќе од буџетот на ЕУ отколку што придонела во него, објави хрватската агенција ХИНА, повикувајќи се на соопштение од Министерството за регионален развој и европски фондови.
Во однос на финансиската рамка за периодот 2021-2027 година, објавени се 409 повици за грантови во вредност од 10,76 милијарди евра (73,3% од вкупно доделените средства). Потпишани се договори во вредност од 9,71 милијарди евра (66,1%), а исплатени се 3,56 милијарди евра (24,2%). Хрватска има вкупно 14,68 милијарди евра на располагање за тековниот период, објави министерството.
Според Европската комисија, Хрватска е над просекот на ЕУ во однос на договорите за кохезиска политика, достигнувајќи 72,1% до крајот на 2025 година, во споредба со просекот на ЕУ од 63,3%, што ја става на 10-то место меѓу земјите-членки.
Податоците од Министерството за финансии покажуваат дека нето разликата помеѓу примените средства од ЕУ и придонесите на Хрватска во буџетот на ЕУ е 19,92 милијарди евра во корист на Хрватска, вклучувајќи 6,39 милијарди евра во рамките на Националниот план за закрепнување и отпорност.
Дополнително, беше објавена и исплатата на осмата транша од 900 милиони евра во рамките на Националниот план за закрепнување и отпорност. Ова значи дека Хрватска досега ги завршила сите фази од реформите и инвестициите, а остануваат две транши во вредност од околу 2,8 милијарди евра што треба да се исплатат до крајот на имплементацијата на механизмот во август, објави Министерството за регионален развој и европски фондови.