ЦИВИЛ: Пресудата против новинарот Селмани сигнализира опасна пракса и закана за слободата на изразување

Според ЦИВИЛ, пресудата се темели на изјави на Селмани во кои тој укажа дека медиумите во земјата сè уште се под влијание на политичките партии и владата, како и дека директорот на телевизијата Канал 5 врши притисок врз новинарите

од Nikola Popovski
16 прегледи Фото: Принтскрин/Фејсбук

Центар за слобода изразува сериозна загриженост по одлуката на Апелацискиот суд во Скопје што ја потврди пресудата против новинарот и уредник Насер Селмани, кој е осуден за клевета и навреда поради изнесен став во јавна дебата поврзана со медиумската независност и притисоците врз уредувачките политики. Тужбата е поднесена од ТВ Канал 5 и нејзиниот директор Иван Мирчевски.

Пресудата се темели на изјави на Селмани во кои тој укажа дека медиумите во земјата сè уште се под влијание на политичките партии и владата, како и дека директорот на телевизијата врши притисок врз новинарите.

Оваа судска одлука не е изолиран случај. Таа укажува на загрижувачка пракса што сè почесто се повторува, при што критичкото мислење и јавната дебата се изложуваат на судско санкционирање. Наместо заштита на слободата на изразување, се создава амбиент што поттикнува самоцензура и страв од јавно изразување.

Особено загрижува фактот што изјавите за кои е донесена пресудата претставуваат личен став и вредносен суд изнесени во контекст на јавна дебата – форми на изразување што, според европските стандарди и праксата на Европскиот суд за човекови права, уживаат засилена заштита.

ЦИВИЛ предупредува дека ваквите постапки имаат карактеристики на стратешки тужби против јавното учество (SLAPP) – механизми што се користат за притисок, заплашување и замолчување на критичките гласови. Нивниот ефект не е само индивидуален, туку создава поширок „ефект на одвраќање” од учество во јавната дебата.

Советот на Европа во 2024 година ја донесе Препораката CM/Rec(2024)2, јасно ги повикува земјите членки да обезбедат заштита од вакви злоупотреби и да гарантираат безбедно и поволно опкружување за слободно изразување. Оваа пресуда отвора сериозни прашања во однос на усогласеноста со овие стандарди.

Случајот се одвива и во поширок контекст на тековна јавна дебата за политичкото влијание во медиумскиот сектор, вклучително и јавно изразена загриженост за блиски врски меѓу одредени медиумски актери и политички партии, вклучително и владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Фактот што изјавите се дадени во студиото на медиумската платформа на ЦИВИЛ дополнително ја нагласува сериозноста на случајот и потребата од принципиелна реакција.

ЦИВИЛ изразува целосна поддршка за Насер Селмани и ги повикува новинарските здруженија, граѓанските организации, институциите и меѓународната заедница внимателно да го следат овој и сличните случаи, да реагираат соодветно, како и да ја пружат сета поддршка во рамките на нивните можности, правото и демократските стандарди.

Во демократско општество, критичкото мислење не смее да биде причина за санкција. Секој обид да се нормализира ваква практика претставува чекор назад за демократијата и владеењето на правот