Забрана на социјалните мрежи за малолетни лица многу лесно звучи и за родителите и за јавноста но има два предизвика едниот технички, еден правен. Од технички аспект забраната значи дека вие ќе поставите некој вид на механизам дека дете кое е сопственик на таков и таков мобилен уред нема да може да пристапува до одредени социјални медиуми, што е многу лесно заобиколено на повеќе начини од страна на технолошки повештата помлада генерација, изјави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски вечерва во „Топ тема“ на Телевизија Телма.
„Сето тоа треба да го следи државата што води кон правниот елемент, денеска ќе забраниме мобилна апликација, што ќе стане ако државата започне да забранува содржини кои се исклучиво домашни, прашања кои се исклучиво домашна сфера на граѓаните, утре да почнеме да забрануваме телевизии“, изјави Андоновски.
Тој истакна дека првото нешто што го изработиле како Министерство бил водичот за родители кој бил испратен до сите училишта со цел да им се дадат на родителите неколку лесно достапни алатки, коишто може да се инсталираат во телефоните на нивните деца за да тие вршат родителска контрола на времето, на содржините, на апликациите, на коменарите, на местоположбата на телефонот и на тој начин родителите ја имаат целата моќ кај себе да го контролираат однесувањето и содржината која ја следи нивното дете на мобилниот телефон.