Уставен суд од 4 март седниците ќе ги пренесува во живо

Оттаму додаваат дека со мнозинство гласови ја донеле одлука за воведување пренос на седниците во живо, со цел зајакнување на довербата на граѓаните преку директен увид во работата на највисоката уставно-судска институција

од Кристијан Димков
14 прегледи Фото: Уставен суд на РСМ

Од 4 март 2026 година, Уставниот суд прави голем исчекор во својата историја во областа на транспарентноста, воведувајќи директен пренос на седниците во живо преку официјалната веб-страница и социјалните мрежи Јутјуб e и Фејзбук, со што на граѓаните за првпат им овозможува целосен увид во работата на оваа институција.

„Секој граѓанин ќе може во реално време да види како се водат расправите, кои аргументи се соочуваат во процесот на одлучување, како се гради правното мислење и каква е атмосферата во која се носат одлуките кои се од суштествено значење за правниот поредок.
Оваа одлука претставува круна на повеќегодишниот процес на постепено спроведување на Програмата за управување со комуникациите, реализирана низ неколку развојни фази:
Активна транспарентност и континуирано известување до јавноста за сите предмети во секоја фаза од постапката;
Воспоставување активно присуство на социјалните мрежи со можност за директна интеракција со граѓаните;
Следење на информациите во јавноста поврзани со Судот и навремено реагирање и информирање на граѓаните за прашања од јавен интерес;
Техничка модернизација и обезбедување опрема за дигитално работење и снимање,
Организирање можност преку веб-страницата за директно електронско обраќање до претседателот
Организирање средби помеѓу претседателот и граѓани секој прв четврток од месецот, почнувајќи од 5 март 2026 година“, се вели во соопштението на Уставниот суд.

Оттаму додаваат дека со мнозинство гласови ја донеле одлука за воведување пренос на седниците во живо, со цел зајакнување на довербата на граѓаните преку директен увид во работата на највисоката уставно-судска институција и и дека се Уставниот суд се стреми да се позиционира како најотворена државна институција и како пример и поттик за останатите органи на власта.