ИЈЗ: Минатата недела пријавени се над 1 000 случаи на заболени од грип

Највисока инциденца е забележана кај најмладата возрасна група, децата од 0 до 4 години.

од Кристијан Димков
22 прегледи Фото: Принтскрин/ИЈЗ

Во текот на осмата недела од 2026 година, од 16 до 22 февруари, во Македонија се пријавени 1.113 случаи на заболени од грип и заболувања слични на грип, со инциденца од 60,6 на 100.000 жители. Овој број е за 3,2 проценти помал во споредба со претходната недела, кога биле регистрирани 1.150 случаи, што укажува на благо опаѓање на ширењето на инфекциите, се вели во најновниот извештај на ИЈЗ.

Во споредба со осмата недела од минатата сезона, кога биле пријавени 3.035 случаи, годинава е забележано значително намалување од 63,3 проценти. Бројот на заболени е помал и во однос на типичната епидемиска крива, моделирана врз основа на последните 15 сезони, за 20,9 проценти. Според надлежните здравствени служби, регистрираната инциденца во оваа недела се движи во рамките на ниска активност.

Најголем дел од пријавените заболени, односно 621 лице, се на возраст од 15 до 64 години, по што следуваат децата од 5 до 14 години со 185 случаи и децата од 0 до 4 години со 164 случаи, додека кај лицата над 65 години се регистрирани 143 заболени. Највисока инциденца е забележана кај најмладата возрасна група, децата од 0 до 4 години. Случаите се пријавени од 21 центри за јавно здравје, при што најмногу заболени има во Скопје, а во дел од општините воопшто не се регистрирани случаи на грип и заболувања слични на грип.