Трајковски: Дали УДБА може да предизвика нова политичка бура?

Доколку во СДСМ навистина располагаат со повеќе информации, можно е да се подготвува афера „Бомби 2“

од Кристијан Димков
120 прегледи Фото: Фејсбук/Дејан Трајковски

Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, го актуелизира прашањето за отворање на архивите на УДБА, ставајќи го во иста рамнина со уставните измени и Договорот со Бугарија, иако од власта посочуваат дека архивите се веќе отворени пред петнаесетина години, при што тогаш беа објавени само досиејата на „обработуваните“ лица, додека имињата на информаторите останаа зацрнети. Филипче очигледно притиска на точка од која власта се плаши, бидејќи дури и водител на провладина телевизија ја исмеваше неговата изјава за архивите, со цел да ги релативизира досиејата на информаторите, а ваквиот потсмев наместо сериозна дебата укажува дека прашањето погодило точно во целта, напиша на својот Фејзбук профил Професорот Дејан Трајковски.

„Многу веројатна е шпекулацијата дека во врвот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ има луѓе, или лица блиски до нив, кои биле соработници на УДБА, поради што власта сега нервозно настојува да го избегне целосното отворање на архивите. Политиката обично не реагира толку бурно на празни теми.

Доколку во СДСМ навистина располагаат со повеќе информации, можно е да се подготвува афера „Бомби 2“, со која би се компромитирала власта и би се отворил простор за нејзино детронизирање. Ќе видиме наскоро, но симптоматично е што токму сега УДБА повторно се извлекува на површина и се става во директен контекст со владеачката партија.

Ако Бугарија ја користи УДБА за да укаже на репресија врз Бугарите и бугарофилите во времето на СФР Југославија, денес темата очигледно се користи и за меѓупартиски пресметки“, пишува Трајковски

Според него, суштинското прашање е зошто по три децении независност сè уште има имиња кои мора да останат скриени, бидејќи доколку власта нема што да крие, не треба да се плаши од сопственото минато, а постоењето на такви тајни значи дека УДБА не е само историја, туку живо политичко сениште кое сè уште држи некого во заложништво.

„Следните недели ќе покажат дали ова е почеток на сериозна пресметка со скриените страници од нашата понова историја или само уште една политичка битка за доаѓање на власт“, напиша професорот на социјалната мрежа Фејзбук.

 

Слични содржини