На Санторини, еден од најпосетуваните грчки острови, донесено е одлука која јасно покажува дека правилата се менуваат.
Туристите кои ќе сакаат да јаваат магариња од старото пристаниште до Фира повеќе нема да можат да го прават тоа ако тежат повеќе од 100 килограми.
Со години, јавањето магариња по стрмни камени скали беше речиси симбол на Санторини. Патеката од пристаништето до врвот на карпата, долга околу 400 метри со повеќе од 500 скали, за многу туристи беше дел од „островското искуство“.
Во текот на сезоната, особено во периодите кога крстосувачките бродови истоваруваат илјадници луѓе, магарињата мораа да работат нон-стоп. Тие носеа туристи неколку пати на ден, во екстремна топлина, нагоре, честопати без доволен одмор.
Новите правила се базираат на едноставен принцип: животното не смее да носи повеќе од 20 проценти од својата телесна тежина. Затоа е воведено јасно ограничување од 100 килограми за туристите.
Одлуката не е донесена без причина. Во последните години имало бројни пријави за повреди, проблеми со ‘рбетот, рани и исцрпеност на животните. Во екот на сезоната, работното оптоварување било толку големо што последиците станале видливи.
Покрај ограничувањето на тежината, воведени се и дополнителни мерки. Магарињата мораат да имаат редовен пристап до вода, задолжителни паузи и период на одмор. Планиран е и построг надзор, вклучувајќи и воведување на евиденција со цел следење на состојбата на секое животно.