Хрватска започна постапка за повлекување на своите војници од Ирак и Либан

Хрватска започна постапка за повлекување на хрватскиот воен персонал од меѓународните мисии во Ирак и Либан, објави канцеларијата на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, цитирана од ХРТ

од Vladimir Zorba
14 прегледи Фото: Архива

Хрватска започна постапка за повлекување на хрватскиот воен персонал од меѓународните мисии во Ирак и Либан, објави канцеларијата на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, цитирана од ХРТ.

Според информациите од институцијата, началникот на Генералштабот на вооружените сили ја започнал постапката во согласност со одлуката на претседателот на Републиката, земајќи ја предвид моменталната безбедносна состојба и оперативните услови на терен. Претседателската канцеларија наведува дека јавноста ќе биде известена по конечното завршување на процесот на повлекување.

Одлуката доаѓа во услови на ескалација на тензиите на Блискиот Исток, каде што Иран ги засили нападите врз Израел, додека САД засега не испраќаат копнени сили во регионот, потсетува ХРТ.

Кабинетот на претседателот нагласува дека одлуката за повлекување на хрватскиот воен персонал е донесена во согласност со уставните и законските овластувања на шефот на државата и се базира на проценка на безбедноста во областите каде што се распоредени хрватски контингенти.

Милановиќ ќе продолжи да ја следи ситуацијата со цел да се обезбеди безбедноста на хрватскиот воен персонал и да се заштитат националните интереси на земјата, почитувајќи го Уставот и законите на Република Хрватска, се наведува во соопштението цитирано од телевизијата.