Украинците победија: Газпром го изгуби спорот

Спорот меѓу двете компании произлегува од договорот за транзит на руски гас низ Украина потпишан кон крајот на 2019 година

од Кристијан Димков
13 прегледи Фотографија: Стоп-кадар од видео на Јутјуб

Украинската државна енергетска компанија „Нафтогас“ денес објави дека постигнала конечна победа во судскиот спор против рускиот енергетски гигант Газпром, откако Швајцарскиот федерален Врховен суд ја отфрли жалбата и ја потврди арбитражната одлука.

Извршниот директор на „Нафтогас“, Сергеј Коретски, изјави дека судот ја потврдил арбитражната одлука од јуни 2025 година, според која Газпром мора да плати повеќе од 1,4 милијарди долари долг за услуги за организирање на транспорт на гас низ Украина, плус камата и судски трошоци, објави УНИАН.

„Швајцарскиот федерален Врховен суд целосно ја отфрли жалбата на Газпром и ја потврди арбитражната одлука од јуни 2025 година“, вели Коретски во соопштението.

Тој додаде дека „Нафтогас“ сега работи на присилна наплата на побарувања од руска страна, додека паралелно се водат неколку други правни постапки против Русија за надомест на штета.

Спорот меѓу двете компании произлегува од договорот за транзит на руски гас низ Украина потпишан кон крајот на 2019 година.

Договорот беше склучен за период од пет години и предвидуваше дека „Газпром“ ќе плаќа фиксен обем на транзит, дури и ако реалниот обем на транспортиран гас е помал.

Транзитот на гас низ Украина продолжи по почетокот на војната во февруари 2022 година, но во намалени количини.

Според „Нафтогас“, „Газпром “престана да ги исполнува своите договорни обврски во мај 2022 година и ги суспендираше плаќањата за резервираните транзитни капацитети.

Затоа, „Нафтогас“ покрена постапка пред Меѓународната стопанска комора во Париз во септември 2022 година, барајќи исплата на долгот за неплатени услуги за транзит на природен гас низ Украина.

Арбитражната постапка беше спроведена во Швајцарија, каде што трибуналот пресуди во корист на украинската компанија во јуни минатата година, обврзувајќи го „Газпром“ да го плати долгот, кој, со камата и трошоци, изнесува околу 1,4 милијарди долари.