Крајнодесничарската партија Национален собир и радикалнолевичарската Непокорена Франција постигнаа пробив во првиот круг од вчерашните локални избори во државата, објавија локалните медиуми.
Следната недела, до вториот круг од изборите закажан за 22 март, ќе биде обележана со неизвесност бидејќи можните сојузи меѓу партиите се непознати, а тоа кратко пред трката за Елисејската палата во 2027 година, кога завршува вториот мандат на претседателот Емануел Макрон.
Во трите најголеми градови во Франција, левицата добро се справува. Социјалистот Емануел Грегоар е далеку пред поранешната десничарска министерка Рашида Дати во Париз.
Социјалистичкиот градоначалник на Марсеј, Беноа Пајан, води во својот град, но веднаш по него следува кандидатот на Национален собир, Франк Алицио.
Грегори Дусе од Зелената партија, сегашниот градоначалник на Лион, е во тесна трка со поранешниот претседател на фудбалскиот клуб Олимпик Лион, Жан-Мишел Ола, кој е поддржан од десницата и центарот.
На други места, Националниот собир и неговите сојузници се етаблираа на општинската политичка сцена, цел што си ја поставија една година пред претседателските избори.
Тие во првиот круг водат во најмалку 58 општини, во споредба со само 11 од локалните избори во 2020 година.
Претседателот на Националниот собир, Џордан Бардела, повика на сојуз со десницата во вториот круг.
Локалните избори ќе бидат тест за политичките сили, една година пред претседателските избори во 2027 година, додадаваат француските медиуми.