Цената на нафтата достигна речиси 105 долари за барел поради војната со Иран

За нешто повеќе од една недела од затворањето на Ормускиот теснец, повеќе од 12 милиони барели еквивалент на нафта дневно се исклучени од употреб

од Кристијан Димков
11 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/Future Energy & Technology

Суровата нафта Брент денес достигна цена од речиси 105 долари за барел, што претставува пораст од повеќе од 40 проценти од почетокот на војната во Иран.

Цената на барел Брент, кој важи за меѓународен стандард, порасна за 1,6 проценти и денес изнесува 104,73 долари, пренесува AП.

Американската референтна сурова нафта порасна за еден процент, на 99,68 долари по барел, што претставува пораст од речиси 50 проценти од почетокот на војната.

Во петокот загубите на Волстрит се продлабочија, бидејќи војната повторно ги крена цените над 100 долари за барел, зголемувајќи го инфлаторниот притисок врз глобалната економија, наведува АП.

За нешто повеќе од една недела од затворањето на Ормускиот теснец, повеќе од 12 милиони барели еквивалент на нафта дневно се исклучени од употреба, според податоците на независната истражувачка компанија „Rystad Energy“.

Доколку војната продолжи да го попречува производството и транспортот на нафта од Персискиот Залив, тоа би можело да предизвика штетен пораст на инфлацијата, оценува АП и додава дека најновиот извештај на Универзитетот во Мичиген покажал дека расположението на потрошувачите паднало на најниско ниво во текот на годината, бидејќи цените на бензинот пораснале од почетокот на војната во Иран.

Кога станува збор за другите трговски активности утрово, вредноста на американскиот долар падна во однос на јапонскиот јен, додека еврото зајакна во однос на доларот.