Граѓаните имаат чувство дека се оставени без заштита и дека институциите не се грижат доволно за нив, особено поради нискиот животен стандард. Владата, според заменик-претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова Пановска, не посветува доволно внимание на секојдневните проблеми на луѓето, истакна таа во „Само интервју“ на Канал 5.
Таа во разговорот нагласи дека веќе две недели нема конкретни чекори од страна на власта за намалување на цените на горивата и за ублажување на ценовните шокови, кои ги погодуваат не само горивата, туку и основните прехранбени производи.
„Цените во маркетите растат од ден на ден, особено во последните неколку дена. Според последните податоци, животот поскапел за 2.500 денари во изминатите три месеци. Ја повикуваме владата да реагира, бидејќи има механизми за тоа. Недозволиво е да се трошат средства за луксуз, како планирање набавка на авион, додека тие пари сè уште стојат неискористени“, истакна Каранфилова Пановска.
Таа оцени дека во услови на економска криза, приоритетите на владата се поставени погрешно. Според неа, наместо трошење на луксузни проекти, потребно е рационално користење на ресурсите, како и поддршка за граѓаните кои се соочуваат со растечки трошоци. Работниците, како што посочи, не бараат многу, туку основни услови за пристоен живот, вклучително и зголемување на минималната плата, имајќи предвид дека синдикалната кошничка достигнала 68.000 денари, а со трошоци за кирија и до 83.000 денари.