Зголемувањето на цената на горивата за нови 7 денари по литар, вторпат во рок од една недела, дополнително го засилува притисокот врз животниот стандард на граѓаните. Во услови кога поскапувањето на енергенсите директно се прелева врз цените на храната, транспортот и услугите, велат во соопштението на политичката партија Левица додавајќи дека обидите на премиерот Христијан Мицкоски да ја минимизира ситуацијата се обид за избегнување одговорност.
Според Левица, актуелната власт не ги чувствува последиците од сопствените политики, бидејќи функционерите користат бенефиции финансирани од буџетот. Додека граѓаните се соочуваат со избори меѓу основни трошоци, додека носителите на власта не ја делат истата економска реалност.
„Истите тие што во 2022 година со калкулатор во рака држеа лекции како треба да се намалат акцизите за да поевтини горивото, денес се однесуваат како тие пресметки никогаш да не постоеле. Тогаш имаше формули, бројки и решенија, а денес има изговори и одложување.
Инсистирањето на споредби со регионалните цени претставува свесно игнорирање на суштинската економска категорија – куповната моќ. Во услови кога платите во Македонија се значително пониски од оние во земјите со кои се прави споредбата, аргументот за ʼпоевтино горивоʼ ја губи секоја реална вредност, бидејќи товарот од тие цени е несразмерно поголем за македонските граѓани“, велат во соопштението
Владата имала на располагање повеќе механизми за ублажување на ценовниот удар, како намалување на акцизите, ограничување на маржите или субвенции, но избрала да не интервенира, што според Левица подразбира префрлање на целиот товар врз граѓаните, кои се оставени сами да се справуваат со последиците од кризата