Орбан ги осуди обвинувањата од Вашингтон: „Ова е напад врз Унгарија“

Унгарскиот премиер Виктор Орбан во понеделникот го осуди „прислушувањето на член на владата“, откако во „Вашингтон пост“ беше објавено дека министерот за надворешни работи Петер Сијарто им пренесувал информации за преговорите на Европската Унија на Русите.

од Кристијан Димков
28 прегледи Фото: Фејсбук/Принтскрин/Официјален профил на Виктор Орбан

„Прислушувањето на член на владата е тежок напад врз Унгарија“, напиша Орбан во објава на Фејсбук, додавајќи дека од министерот за правда побарал да го истражи случајот.

Според написот на „Вашингтон пост“ од саботата, кој се повикува на повеќе сегашни и поранешни европски безбедносни функционери, Сијарто редовно го контактирал својот руски колега Сергеј Лавров за време на паузите од состаноците на Советот на ЕУ, за да му даде „директни извештаи за она за што се разговарало“, како и можни решенија.

Сепак, во текстот не се наведува дека Сијарто бил прислушуван.

Во написот се изнесува и информација дека руските разузнавачки служби разгледувале можност за влијание врз кампањата за парламентарните избори во Унгарија, кои ќе се одржат на 12 април, преку симулирање атентат врз протрампoв лидер близок до Русија

Познато е дека Орбан заостанува во неодамнештите независни анкети.

Сијарто ја отфрли оваа информација на Фејсбук, нарекувајќи ја „апсурдна теорија на заговор“, и изјави дека е шокиран од „фактот дека една или повеќе странски разузнавачки служби го следеле со активна соработка на еден унгарски новинар“.

Портпаролот на Европската комисија во понеделникот изјави дека извештаите според кои Унгарија споделува информации за Европската Унија со Русија се загрижувачки, додавајќи дека Брисел очекува појаснување од Унгарија.

Полскиот премиер Доналд Туск реагираше со изјава дека написот на „Вашингтон пост“ „не треба никого да изненади“.

„Во тоа се сомневаме веќе подолго време“, рече тој.

Во неделата на платформата „X“ напиша дека тоа е „една од причините зошто зборувам само кога е апсолутно неопходно и кажувам само она што е строго потребно“.

Унгарскиот опозициски лидер Петер Маѓар го осуди можниот чин на велепредавство.

„Според моменталните информации, Петер Сијарто соработува со Русите и ги издава унгарските и европските интереси. Тоа, по сè изгледа, е велепредавство, казниво со доживотен затвор“, напиша тој на Фејсбук.