„Ривиан“ и „Убер“ најавија соработка што би можела значително да го забрза развојот на автономното возење.
„Убер“ планира да инвестира околу 1,25 милијарди долари во „Ривиан“ до 2031 година, со цел развој на флота роботакси возила. Првата фаза вклучува инвестиција од 300 милиони долари и развој на целосно автономно возило базирано на моделот R2.
Се очекува околу 10.000 возила да бидат пуштени во сообраќај веќе во 2028 година, и тоа во градови како Сан Франциско и Мајами.
Планот е до 2031 година мрежата да се прошири на дури 25 градови, вклучувајќи пазари во Канада и Европа.
„Убер“, исто така, има опција од 2030 година да купи дополнителни 40.000 возила, со што вкупната флота би достигнала 50.000 роботакси возила – достапни исклучиво преку апликацијата „Убер“.
Новите возила ќе ја користат третата генерација на автономниот систем на „Ривиан“, со напреден сет на сензори: 11 камери со висока резолуција, пет радари и еден LiDAR сензор.
Системот го придвижуваат специјално развиени чипови со ВИ кои имаат голема процесорска моќ. Од двете компании порачуваат дека целта е создавање една од најбезбедните и најефикасни автономни платформи во светот, со потпирање на сопствениот развој на технологија и искуството во управување со големи флоти возила.