Политико: Во Европа се сомневаат дека АфД испраќа доверливи податоци во Русија

„Преземаме различни мерки во Брисел за да ги заштитиме чувствителните состаноци и информации“, изјави еден висок дипломат на ЕУ за Политико, додека друг додаде дека доверливите информации повеќе не се споделуваат со истото ниво на отвореност како порано

од Кристијан Димков
15 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/AFP

Пристапот до доверливи документи на ЕУ што го имаат пратениците на германската крајнодесничарска партија Алтернатива за Германија (АфД) предизвикува загриженост кај европските дипломати и политичари поради можноста за протекување на чувствителни информации кон Русија, пишува Политико.

Како што наведува овој портал, германските пратеници, вклучително и членовите на АфД, имаат пристап до база на податоци што содржи илјадници документи на Европската унија. Меѓу нив има и доверливи белешки од состаноци на амбасадорите на земјите-членки, на кои се усогласуваат ставовите за клучни геополитички прашања, како што е финансирањето на Украина од замрзнат руски имот.

„Проблемот е што имаме партија, АфД, за која постојат оправдани сомнежи дека информациите може да завршат во Русија или Кина“, изјави за Политико претседателот на Комисијата за европски прашања во Бундестагот од редовите на Зелените, Антон Хофрајтер.

Во меѓувреме, во медиумите се појавија обвинувања дека и Унгарија проследувала доверливи информации до Москва, што унгарскиот министер за надворешни работи го отфрли како „лажни вести“. Сепак, одделни земји-членки веќе организираат состаноци во потесен формат поради страв дека некои држави не се доволно доверливи кога станува збор за заштитата на чувствителни податоци.

„Преземаме различни мерки во Брисел за да ги заштитиме чувствителните состаноци и информации“, изјави еден висок дипломат на ЕУ за Политико, додека друг додаде дека доверливите информации повеќе не се споделуваат со истото ниво на отвореност како порано.

АфД ги отфрла обвинувањата и одбива да ги коментира „неоснованите тврдења“, соопшти портпаролот на пратеничката група на таа партија.