Станивуковиќ е во притвор во Хрватска и чека судија, неговите соработници велат дека не знаат што ќе биде понатаму

Во објавата наведе дека во последните два месеца ја преминал границата 14 пати и дека секој пат бил задржуван и претресуван, вклучително и со користење службени кучиња

од Кристијан Димков
27 прегледи Фото: Принтскрин/Фејсбук/Официјален профил на Драшко Станивуковић

Градоначалникот на Бања Лука, Драшко Станивуковиќ, моментално е во притвор во Стара Градишка во Хрватска и чека да биде изведен пред судија.

Оваа информација ја потврди неговиот соработник Милан Аљетиќ, кој синоќа бил со него во моментот на приведувањето.

„Во моментов, според нашите информации, се наоѓа во Стара Градишка и чека да биде изведен пред судија“, изјави Аљетиќ.

Тој додаде дека Станивуковиќ бил приведен утринава околу 2 часот по полноќ, а му било кажано дека дури кога ќе пристигне судијата ќе се знае што ќе се случува понатаму. „Во овој момент сè уште се наоѓа во Стара Градишка, во полициска станица, и чека да биде изведен пред судија“, изјави Аљетиќ за Српскаинфо.

Тој додаде дека ги повикале сите српски функционери од целиот регион да реагираат, бидејќи „секое молчење ќе значи одобрување на ваквата постапка“.

Да потсетиме, Станивуковиќ бил приведен синоќа на граничниот премин Стара Градишка по повеќечасовно задржување, а од неговото движење на медиумите им биле доставени и фотографии од приведувањето. Од движењето „Сигурна Српска“ наведоа дека тој не прифатил повторно задржување, претрес и одземање на приватни работи при враќањето од Будимпешта.

Сепак, од движењето не прецизираа конкретна причина за приведувањето, ниту потврдија дали во меѓувреме е пуштен на слобода. Непосредно пред приведувањето, Станивуковиќ се огласи на Фејсбук, укажувајќи на честите проблеми што ги има на границата со Хрватска.

Во објавата наведе дека во последните два месеца ја преминал границата 14 пати и дека секој пат бил задржуван и претресуван, вклучително и со користење службени кучиња. Тој истакна дека овој случај не го гледа како личен проблем, туку како прашање на односот кон Србите, додавајќи дека ќе остане „смирен, достоинствен и исправен“.