Кинезите ги престигнаа Јапонците во продажба на возила

Податоците се засноваат на извештаи од водечките компании и анализа на платформата за автомобилски податоци „MarkLines“, пишува агенцијата „Xinhua News Agency“, пренесува Танјуг

од Кристијан Димков
9 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/CNBC

Кинеските производители на автомобили ги надминаа јапонските конкуренти по вкупна глобална продажба на возила во 2025 година, со што за првпат ја презедоа водечката позиција во светот, пренесуваат јапонските медиуми.

Според пишувањето на јапонскиот деловен весник „Nikkei“, вкупната продажба на јапонските автомобилски компании благо се намалила на околу 25 милиони возила, што довело до тоа Јапонија да ја изгуби долгогодишната водечка позиција, првпат од 2000 година.

Во исто време, кинеските производители достигнале приближно 27 милиони продадени единици на глобално ниво.

Податоците се засноваат на извештаи од водечките компании и анализа на платформата за автомобилски податоци „MarkLines“, пишува агенцијата „Xinhua News Agency“, пренесува Танјуг.

Меѓу поединечните производители, кинескиот „BYD“ го надмина американскиот „Ford Motor Company“ и го зазеде шестото место на глобалната листа, додека „Geely“ ја престигна јапонската „Honda“ и се искачи на осмото место.

Вкупно шест кинески компании се најдоа меѓу 20-те најголеми производители на автомобили во светот, вклучувајќи ги „Chery“, „Changan Automobile“, „SAIC Motor“ и „Great Wall Motors“, додека Јапонија има пет претставници на таа листа.

Во сегментот на електрични возила, „BYD“ исто така ја надмина компанијата „Tesla“ и стана најголем светски продавач на електрични автомобили.

Танг Јин, виш истражувач во јапонската „Mizuho Bank“ и експерт за автомобилскиот сектор, истакна дека подемот на Кина на водечката позиција е повеќе од едноставна промена во рангирањето.

Како што наведе, тоа укажува на подлабоки промени во глобалната автомобилска индустрија, со растечка конкурентност на кинеските производители заснована на технолошки иновации, пониски трошоци за производство и побрз развој на нови модели.

Во исто време, додаде тој, јапонските компании ќе мора да ги прилагодат своите стратегии, особено во областа на електрификацијата и настапот на клучните светски пазари, за да одговорат на сè посилната конкуренција.

Слични содржини