Брнабиќ: НАТО-бомбардирањето беше чин на отворена и брутална агресија врз суверена земја

„Ова беше непростлив злостор врз Србија, нашиот народ и сите наши граѓани“, истакна Брнабиќ на мрежата „X“

од Кристијан Димков
6 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин

Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, изјави денеска дека НАТО-бомбардирањето било чин на отворена и брутална агресија врз суверена земја која никого не нападнала, чин на кршење на меѓународното право, па дури и на правилата на НАТО.

„Ова беше непростлив злостор врз Србија, нашиот народ и сите наши граѓани“, истакна Брнабиќ на мрежата „X“, реагирајќи на наводите на претседателот на Партијата на слободата и правдата, Драган Ѓилас, дека тогашното раководство во 1999 година „ја изложило земјата на НАТО-бомбардирање“.

„Не е виновен НАТО, виновни сме ние – вели Ѓилас. Малата Милица е виновна што седела на нокшир. Работниците во РТС се виновни што биле вработени во РТС. Луѓето во Алексинац се виновни што се родени во Алексинац, нишлии што се родени во Ниш… и сите други во Србија, како такви, сами се виновни“, наведе Брнабиќ.

Таа додаде дека политиката на Ѓилас е дека сите се виновни, само НАТО не е виновен. „И тоа не смееме никогаш да го заборавиме. Вака не зборува ни самиот НАТО“, истакна претседателката на Собранието. Таа посочи дека овој принципиелен став е уште една клучна разлика меѓу Српската напредна странка и блокаторите од поранешната власт.

Претседателот на Партијата на слободата и правдата, Драган Ѓилас, претходно во соопштение наведе дека тогашната Влада на 24 март 1999 година „ја изложила земјата на бомбардирање и на војна со целиот западен свет“.

Слични содржини