Канцеларот Фридрих Мерц (ЦДУ) во Бундестагот имаше само неколку минути за да ги изнесе своите воведни забелешки за актуелната состојба. На дневен ред беше т.н. актуелен час. По воведот на канцеларот, пратениците имаа по една минута за поставување прашања.
Мерц ја искористи можноста да се произнесе за актуелната состојба во војната меѓу САД и Израел од една страна и Иран од друга страна. Тој не ги коментираше најавите на американскиот претседател Доналд Трамп дека е пронајден начин за преговори со Иран, но рече дека смета оти заедно со европските партнери ќе се најде пат за заедничко залагање за што побрз крај на ескалацијата, пишува „Дојче веле“.
Европа ќе има тежина само ако и самата, а пред сè Германија, повторно зајакне, нагласи Мерц. И прецизира: „Да се биде силен во овие времиња значи да се има просперитетна економија, да се обезбедат работни места и да се овозможи отворање нови. И истовремено да се стане способна за одбрана. Намерно велам: да се стане. Зашто тоа повеќе не сме.“
Војната со Иран имаше значајно место во прашањата на пратениците. Социјалдемократската пратеничка Дерија Турк-Нахбаур праша што презема Мерц за завршување на војната.
Тој одговори: „Се обидуваме да направиме сè за да ги поттикнеме САД и Израел сега да побараат дипломатско решение за оваа војна. Некои изјави не ни се јасни во стратешка смисла.“ Ова веројатно се однесува на американскиот претседател, чиј воен план не е загатка само за Мерц.
Кога станува збор за цените на горивата, чиј нагол раст е последица на конфликтот, претседателката на пратеничката група на Левицата, Хајди Рајхинек, праша што планира владата. Мерц потсети дека Бундестагот уште оваа недела ќе усвои закон што ќе овозможи подобар надзор врз нафтените компании и нивното формирање на цените.
Канцеларот исто така се покажа отворен за директно даночно олеснување за граѓаните, но беше скептичен во однос на дополнителен данок на добивка за компаниите или данок на екстрапрофит, каков што постоеше по почетокот на руската агресија врз Украина во 2022 година.
Атмосферата во Бундестагот се вжешти околу друга тема. Кога Мерц одговараше на прашање за неговите планови за спротивставување на растечкото сексуализирано насилство врз жените, особено на интернет, се слушна силно негодување од редовите на Левица.
Повод беше случајот со германската актерка Колиен Фернандес, која неодамна изнесе сериозни обвинувања против својот поранешен сопруг, Германец. Тој наводно со помош на вештачка интелигенција изработил лажни порнографски видеа и фотографии од неа и ги објавил на интернет. Неговиот адвокат ги отфрли обвинувањата, но темата предизвика широка јавна дебата.
Мерц изјави дека владата планира заострување на законите. „Имаме експлозија на насилство во нашето општество, и тоа и во аналогниот и во дигиталниот простор“, рече тој, додавајќи дека против тоа мора да се бори целото општество.
Потоа нагласи: „Мораме да разговараме и за причините. Мора да зборуваме и за тоа од каде доаѓа тоа насилство. И мора да споменеме дека значаен дел од тоа насилство доаѓа од групи доселеници во Сојузна Република Германија.“ Оваа изјава веројатно ќе предизвика дополнителни дебати во наредните денови.
Ова директно испрашување на германскиот канцелар во парламентот постои од летото 2018 година. На барање на СПД, тогашните коалициски партнери – ЦДУ/ЦСУ и социјалдемократите – во коалицискиот договор наведоа дека сакаат канцеларот трипати годишно да може да биде испрашуван во Бундестагот и дека форматот на испрашување ќе се реорганизира.
Тогашната канцеларка Ангела Меркел неволно се согласи, стравувајќи дека ваквото испрашување може повеќе да се претвори во шоу отколку во размена на информации. Како пример беа наведувани живите дебати во британскиот парламент.
За разлика од Меркел, се чини дека на Мерц овој формат му одговара. Делумно и затоа што не мораше да се изјаснува за некои чувствителни теми, како изјавата на сојузниот претседател Франк-Валтер Штајнмајер, кој на почетокот на неделата изјави дека нападот на САД и Израел врз Иран е спротивен на меѓународното право.
Тоа е став што владата сè уште не го изнела во таква форма, иако критиките за воените дејствија во Персискиот Залив се големи. Мерц не беше прашан за изјавите на Штајнмајер, кој во Германија има претежно претставничка улога без значајна политичка моќ. Тоа што канцеларот не мораше да се изјасни по ова прашање го поштеди од заземање став во однос на меѓународното право.