Според најавите на компаниите, соработката ќе ги обедини технологијата, платформата и оперативниот модел. „Pony.ai“ го обезбедува системот за автономно возење, „Убер“ ја интегрира услугата во својата глобална платформа за нарачка на превоз, додека „Верне“ ќе биде сопственик на флотата и оператор.
Роботаксијата ќе може да се нарачаат преку апликацијата на „Убер“, како и преку апликацијата на „Верне“, со што корисниците ќе добијат дополнителна опција за превоз во рамки на постојните дигитални канали.
Планот е постепено ширење, најпрво во Загреб, а потоа и на други европски и меѓународни пазари. Долгорочно се цели кон флота од илјада автономни возила.
Во рамки на проектот веќе се започнати тестирања на загрепските улици, и тоа со користење на системот за автономно возење „Pony.ai Gen-7“.
Верне ќе го води процесот на излегување на услугата на пазарот, вклучително и добивање регулаторни одобренија и координација на воведувањето на возилата во мрежите на „Верне“ и „Убер“. Компаниите наведуваат дека ваквиот модел треба да обезбеди безбедност и уедначено корисничко искуство, како и полесно ширење на нови пазари.
Покрај оперативната соработка, „Убер“ планира и инвестиција во „Верне“, со што дополнително го зацврстува партнерството.
Извршниот директор на „Верне“, Марко Пејковиќ, истакнува дека Европа има потреба од конкретни проекти за автономна мобилност, а не само тестирања.
„Европа има потреба од автономна мобилност која може да премине од тестирање во вистинска комерцијална услуга. Верне ги поврзува технологијата, платформата и оперативните способности потребни тоа да стане реалност, прво во Загреб, а потоа и на други пазари“, изјави Пејковиќ.
Од Убер ја нагласуваат важноста на партнерствата за ширење на технологијата.
„Преку силен екосистем на партнерства, автономната мобилност може да се скалира глобално и поефикасно. Со обединување на технологијата на „Pony.ai“, оперативното искуство на „Верне“ и глобалната платформа на Убер, правиме важен чекор кон достапност на автономните такси-возила за поголем број корисници“, изјави извршниот директор на Убер, Дара Хосровшахи.
Од „Pony.ai“ истакнуваат дека веќе имаат комерцијално искуство на големи пазари.
„Нашиот систем Gen-7 во Кина веќе достигнува високо комерцијално ниво, со позитивно работење во Гуангжу и Шенжен. Тоа ја покажува подготвеноста на технологијата и бизнис-моделот за меѓународно ширење“, изјави основачот и извршен директор на „Pony.ai“, д-р Џејмс Пенг.
Тој додаде дека комбинацијата на нивната технологија, платформата на „Убер“ и оперативниот модел на „Верне“ може да овозможи развој на скалабилен систем за автономна мобилност.
Доколку проектот успее, Загреб би можел да стане едно од клучните тестни и развојни средишта за автономен превоз во Европа.