Дали сте човек или робот? Почнува „ловот на вештерки“

Во борбата против вештачката интелигенција, „Reddit“ воведува систем за верификација што треба да докаже дека корисникот не е бот

од Кристијан Димков
9 прегледи Фото: vidBoard.ai

„Reddit“ ќе бара од профилите што покажуваат „автоматизирано или на друг начин сомнително однесување“ да потврдат дека зад нив стои човек, изјави генералниот директор на „Reddit“, Стив Хафман, во објава на платформата. Процесот на верификација има за цел да се спротивстави на несаканите ботови кои го преплавуваат „Reddit“ во време кога ВИ-ботовите се подготвени да го преземат интернетот.

„Како што вештачката интелигенција станува сè поголем дел од интернетот, сакаме да бидеме сигурни дека, кога сте на „Reddit“, знаете кога разговарате со човек, а кога не“, изјави Хафман.

Верификацијата на корисниците ќе се врши само ако „Reddit“ се посомнева дека профилот е бот. Хафман нагласи дека ова е „ретка појава“ и дека нема да се однесува на „повеќето корисници“. Доколку профилот не може да докаже дека зад него стои човек, може да биде ограничен.

„Reddit“ ќе ја проверува автентичноста користејќи надворешни алатки за кои Хафман тврди дека нема да го откријат вистинскиот идентитет на корисникот, корисничкото име или активностите на платформата. Методите што „Reddit“ моментално ги разгледува вклучуваат пристапни клучеви (Passkeys), биометриски услуги и идентификациски документи. Хафман најави и дека профилите што користат ботови на дозволен начин ќе добијат ознака „App“ (апликација). „Reddit“ во моментов во просек отстранува околу 100.000 профили дневно кои користат злонамерни ботови и испраќаат спам, а во план е и полесно пријавување на сомнителни профили од страна на самите корисници.

Иако се бори против автоматизираните профили, „Reddit“ засега се воздржува од санкционирање на луѓе кои користат ВИ (како Чет-ГПТ) за пишување објави.

„Заедниците (subreddits) можат самите да ги постават своите стандарди доколку тоа го сакаат“, заклучи Хафман во врска со содржината генерирана со вештачка интелигенција.