Светски пазари: Индексите паѓаат, повисоките цени на нафтата ќе ја поттикнат инфлацијата

Инвеститорите најмногу стравуваат дека зголемените цени на нафтата ќе предизвикаат раст на инфлацијата, на што веќе предупредија централните банки

од Кристијан Димков
26 прегледи

Индексите на светските пазари паѓаа и кон крајот на март, бидејќи инвеститорите стравуваат дека зголемените цени на нафтата ќе ја поттикнат инфлацијата и ќе го забават растот на светската економија.

На Волстрит, индексот „Dow Jones“ минатата недела се намали за 0,9 отсто, на 45.166 поени, додека S&P 500 се лизна за 2,1 отсто, на 6.368 поени, а „Nasdaq“ за 3,2 отсто, на 20.948 поени.

Овие индекси остро паѓаа веќе петта недела по ред, па „Dow Jones“ и „Nasdaq“ влегоа во зона на корекција, односно повеќе од 10 отсто под своите рекордни нивоа.

Тоа е последица на големите осцилации на цените на нафтата на високи нивоа, бидејќи кризата на Блискиот Исток не стивнува.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, минатата недела порача дека Иран мора да се согласи на договор за завршување на војната или нападите на САД и Израел ќе бидат уште пожестоки.

Иранците, пак, порачуваат дека американскиот предлог за прекин на борбите е „едностран и неправеден“ и, со ретки исклучоци, и понатаму не дозволуваат премин на танкери низ Ормускиот теснец, што ги одржува цените на нафтата на високи нивоа.

Бидејќи ситуацијата не е ништо појасна отколку претходно, берзанските индекси еден ден значително растат, благодарение на надежта на инвеститорите за смирување на конфликтот, а веќе следниот ден нагло паѓаат.

Инвеститорите најмногу стравуваат дека зголемените цени на нафтата ќе предизвикаат раст на инфлацијата, на што веќе предупредија централните банки.

Поради тоа спласнаа надежите на инвеститорите дека американскиот ФЕД оваа година ќе ги намали каматните стапки.

Пред нападите на САД и Израел врз Иран, инвеститорите очекуваа дека ФЕД оваа година ќе ги намали каматите во два наврати по 0,25 процентни поени, и тоа беше главната движечка сила на растот на цените на акциите.

Меѓутоа, сега веќе воопшто не се очекува намалување на каматните стапки од страна на ФЕД во текот на оваа година, пренесува Seebiz.eu.