Милановиќ го откажа самитот Брдо-Бриони поради изјавите на Вучиќ

Претседателот Зоран Милановиќ испрати соопштение во кое наведува дека смета дека не е можно доаѓањето на претседателот Александар Вучиќ во Хрватска и поради тоа одлучил да го откаже состанокот на Процесот Брдо-Бриони

од Кристијан Димков
21 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/Јутарњи

„Република Хрватска и Република Словенија, како членки на Европската унија, го иницираа Процесот Брдо-Бриони со цел унапредување на меѓусебната соработка и забрзување на процесот на европска интеграција на земјите од Југоисточна Европа. Состанокот на шефовите на држави во рамки на Процесот Брдо-Бриони оваа година требаше да се одржи во мај во Хрватска.

Политичките изјави и постапки на претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, на кои сме сведоци во последните денови и недели, се во целосна спротивност со целите на Процесот Брдо-Бриони, ги нарушуваат меѓудржавните односи и го загрозуваат мирот и стабилноста во регионот на Југоисточна Европа.

Претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, смета дека во такви околности не постојат услови и не е можно доаѓањето на претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, во Република Хрватска.

Како копретседавач на Процесот Брдо-Бриони, претседателот Милановиќ одлучи да го откаже планираниот состанок во Хрватска, за што се известени шефовите на држави кои требаше да учествуваат на состанокот на Бриони. Следниот состанок на шефовите на држави во рамки на Процесот Брдо-Бриони ќе се одржи кога ќе се создадат услови за тоа, по консултации меѓу претседателот Милановиќ и претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц Мусар, како копретседавачи на Процесот Брдо-Бриони“, соопштија од кабинетот на Милановиќ.

Потсетуваме, српскиот претседател Александар Вучиќ изјави по синоќешните локални избори, кои беа одбележани со бројни инциденти, дека ќе ги провери извештаите на безбедносните агенции за влијанието на странски држави врз изборите.

Коментирајќи ги наводите на провладините медиуми за странски влијанија врз вчерашните локални избори, Вучиќ спомена логистичка поддршка од една соседна држава, пренесува Nova.rs.

Одговарајќи на прашање на новинар за наводното присуство на автомобили со хрватски регистарски таблички на денот на изборите во Кула, Вучиќ најави дека наскоро ќе изнесе повеќе информации. „Што се однесува до вчерашните избори, ми беше јасно колкава логистичка поддршка пружила една соседна држава. Но, во наредниот период ќе добијам подетален извештај и потоа ќе го споделам со вас“, изјави Вучиќ.

Тој нагласи дека вакви извештаи добива секојдневно и од повеќе извори. „Пред сè од Воено-безбедносната агенција и Безбедносно-информативната агенција, но и од службите кои се занимаваат со контраразузнавачка заштита на нашите објекти и на нашиот воен персонал“, појасни тој.

Вучиќ изјави и дека разговарал со рускиот претседател Владимир Путин. Тој соопшти дека со Путин, покрај продолжувањето на договорот за гас, разговарале и за други теми, додавајќи дека Путин го прашал и за Косово и Метохија и за Република Српска, при што размениле ставови за сите важни прашања.

„Го информирав и за сојузот на Загреб, Приштина и Тирана, разговаравме за сите теми“, изјави Вучиќ во обраќање во Претседателството.

Вучиќ во саботата ја обвини Хрватска и за „дивјаштво“ по забраната за влез на српскиот историчар Милош Ковиќ и најави протестна нота.