Владата на Република Словенија во понеделникот донесе одлука за укинување на ограничувањето за точење гориво на бензинските пумпи, откако беше проценето дека состојбата на пазарот на нафтени деривати се стабилизирала.
Одлуката за укинување на уредбата со која беше ограничена максималната дневна количина продадено гориво по поединечно продажно место стапи на сила веднаш по нејзиното усвојување, пренесува STA.
Овие ограничувања беа во сила од 22 март, а владата ги воведе како привремена мерка со цел ублажување на нарушувањата во снабдувањето и спречување на недостиг.
Од словенечката влада наведуваат дека моменталните залихи и динамиката на испорака на енергенсите се задоволителни, со што престанале причините за понатамошна примена на рестриктивните мерки.
Во моментов, просечната малопродажна цена на бензинот во Словенија изнесува околу 1,58 евра по литар, додека за литар дизел гориво потребно е да се издвојат приближно 1,70 евра.