Франција повторно ја преработува својата воена стратегија врз основа на лекциите од војните во Украина и на Блискиот исток, подготвувајќи се за можен судир со Русија подоцна во оваа декада. Тие два конфликта директно влијаат на одлуките за тоа какво оружје Париз ќе развива, набавува и распоредува, додека француската влада се подготвува на 8 април да го претстави ажурираниот закон за воено планирање, пишува Политико.
„Применуваме сè што можеме да научиме од Украина, особено во поглед на развојот на способности – било да се работи за она што се случува сега на Блискиот исток или за она што не чека утре на источниот фронт“, изјави за Политико генерал Доминк Тардиф, заменик-командант на француските воздушни сили. Франција не ја набљудува ситуацијата само од далеку, туку учи во реално време. Нејзините борбени авиони и системи за противвоздушна одбрана се распоредени во земји како Обединетите Арапски Емирати за да ги одбранат од ирански напади со беспилотни летала. Во првите денови на војната во Ирак, еден француски војник загина во напад со ирански дрон.
Конфликтите со висок интензитет во Украина и на Блискиот исток ги открија слабостите на западните арсенали. Оружените сили на НАТО сè уште не се целосно опремени за ефективна борба против евтини закани, бидејќи ракетите за соборување дронови се значително поскапи од самите дронови.
„Работиме на низа проекти со кои се обидуваме да го намалиме трошокот за соборување дронови Шахед“, објасни Тардиф, мислејќи на масовно произведените ирански дронови што ги користи Русија во Украина, но и Техеран во Заливот. Меѓу поевтините опции е гаѓање дронови од хеликоптери Fennec, што француската армија веќе го тестирала, како и опремување на борбени авиони „Рафал“ со поевтини ласерски наведувани ракети.
Париз исто така активно соработува со француските компании „Alta Ares“ и „Harmattan AI“ на развој на поевтини пресретнувачки дронови, потврди генерал Тардиф. Иако програмата сè уште не е целосно оперативна, проектот на „Alta Ares“ „брзо напредува“, а опремата веќе е на терен на Блискиот исток. Минатата недела министерот за одбрана Себастиен Лекорну изјави дека неколку француски компании се способни да произведуваат илјадници пресретнувачки дронови месечно и најави дека Франција до 2030 година ќе потроши 8,5 милијарди евра на муниција.
„Преминуваме од свет во кој малите залихи беа доволни во нов, каде што е потребно значително зголемување. Тоа исто така значи дека производствените линии можеби ќе треба да се дуплираат. Ако имаме една, можеби треба да имаме две, а тоа бара инвестиции“, изјави францускиот генерал.
Двата конфликта ја истакнуваат важноста на воспоставување воздушна надмоќ, што е основна доктрина на НАТО. САД и Израел ја постигнаа против Иран, уништувајќи голем дел од неговите воздушни сили и противвоздушната одбрана, додека Русија не успеа во Украина. Затоа, вели Тардиф, Москва заглави во војна на исцрпување, што овозможи дроновите да станат доминантен белег на конфликтот.
„Ако нема воздушна надмоќ, тоа значи парализа на копнените операции. Само 20% од ударите во длабочина што Русите ги изведоа против Украина ја достигнаа целта. За споредба, 100% од американските и израелските удари врз Иран ги погодија своите цели“, нагласи тој.
Израелските воздушни напади, кои уништија околу 80% од иранските копнени системи за откривање, покажаа дека воздушната надмоќ е достижна, рече францускиот генерал. Стратегијата за спречување пристап и дејствување на непријателот на одредена област (A2/AD) „не е неизбежна“, додаде Тардиф. „Знаеме како да се справиме со тоа кога обезбедуваме средства за тоа.“
За таа цел, француските воздушни сили разгледуваат набавка на проектили за неутрализирање на непријателска противвоздушна одбрана, односно за онеспособување на способноста на противникот да ги загрози француските авиони. Производителот на проектили „MBDA“ работи на програмата „Stratus“, која ја вклучува оваа способност.
„Тоа е основно и клучно за воздушната надмоќ и тоа е начин на кој ќе успееме да преминеме од војна на исцрпување во војна на одлучување“, објасни генералот.
Среднорочниот приоритет на Тардиф е да ги подготви француските воздушни сили за она што началникот на Генералштабот на француската армија, генерал Фабиен Мандон, го нарече „шок“ – мислејќи на потенцијален руски напад врз НАТО. „Не е невозможно Русија да го тестира НАТО помеѓу 2028 и 2029 година“, изјави Тардиф, повторувајќи предупредувања на други воени и разузнавачки официјални лица.
„Ако се појават проблеми на источниот фронт – имајќи предвид дека балтичките земји немаат борбени авиони, а Романија е прилично ограничена – воздушните сили на западноевропските земји, вклучително и нашите, ќе бидат на првата линија од првиот ден“, изјави тој.
Истовремено, Франција сериозно разгледува поевтини начини за одбрана на своите воздушни бази. „Сите имаме на ум што Украинците успеаја да постигнат длабоко во руска територија, напаѓајќи воздушни бази и неутрализирајќи авиони и бомбардери на земја“, рече генералот, повикувајќи се на украинската Операција „Пајакова мрежа“ од 2025 година. Сепак, воздушните сили нема да го напуштат високотехнолошкото и скапо оружје за да избегнат заглавување во војна на исцрпување.
„Ни треба масовност за да ја заситиме одбраната и да ги пробиеме непријателските линии и покрај радарите и противвоздушните системи – но ни треба и одлучувачка муниција. Ако имате само муниција за војна на исцрпување, завршувате во ситуација како Украина, што значи замрзнат конфликт“, рече францускиот генерал.
Тој додаде дека француските воздушни сили разгледуваат и таканаречени колаборативни борбени авиони: дронови со вештачка интелигенција, тешки од две до четири тони, дизајнирани да летаат заедно со пилотирани борбени авиони. Една од нивните цели е прецизно откривање и лоцирање на закани. Тардиф најави дека воздушните сили преку агенцијата за набавка на оружје DGA ќе побараат информации од индустријата за достапни решенија. На пазарот веќе постојат модели како „Fury“ на „Anduril“ и „Valkyrie“ на „Airbus-Kratos“.
Заменик-командантот на воздушните сили нагласи дека и Русија брзо напредува технолошки, постојано ги надградува своите дронови Шахед, проектили и сензори на борбените авиони. „Бидејќи голем дел од националното богатство го насочуваат кон одбранбената индустрија, нивните развојни канцеларии природно постигнуваат многу значителен напредок“, заклучи Тардиф.