Новата опција за претплата овозможува гледање на „Story“ објави без да се појавите на листата на гледачи, подолго траење на објавите и увид во тоа кој повторно го прегледал вашиот содржински материјал. Мета тестира нова претплатничка услуга за Instagram која на корисниците им нуди „ексклузивни“ функции, како можност Story објавите да траат подолго од 24 часа. Снимки од екранот што го промовираат „Инстаграм Плус“ беа забележани од корисници на Филипините и во Мексико во последните денови.
Според снимките што ги сподели консултантот за социјални мрежи Мет Навара, претплатата на Инстаграм Плус доаѓа со низа функции насочени кон „Stories“, кои инаку не се достапни за корисниците.
Тие вклучуваат:
– Креирање повеќе различни „публики“ (листи) за Story објави
– Увид во тоа кој повторно го прегледал вашиот Story
– Пребарување на листата на луѓе што го виделе вашиот Story
– Преглед (preview) на Story објави од други корисници
– Продолжување на траењето на Story објавите на повеќе од 24 часа
– Креирање „spotlight“ (истакнати) Stories
– Т.н. „super hearts“ (супер срца) за реагирање на објави
Портпарол на Мета го потврди тестирањето, наведувајќи дека Инстаграм Плус моментално е достапен во „неколку земји“, без да прецизира кои. На посебна страница за помош на веб-страницата на Мета се наведува дека „оваа функција засега не е достапна за сите“. Портпаролот ја потврди листата на функции и додаде дека „preview“ ќе им овозможи на корисниците да видат дел од туѓ „Story“ без да се појават на листата на гледачи, како и дека траењето на „Story“ објавите може да се продолжи за дополнителни 24 часа. „Нашата цел е преку овие тестирања да разбереме што им е највредно на корисниците во премиум пакет на функции“, изјави портпаролот.
Се чини дека раните верзии на услугата се прилично достапни – цената на Филипините изнесува 65 PHP (околу 1,07 американски долари), а во Мексико 39 MXN (околу 2,15 долари) месечно. Мета исто така нуди бесплатен пробен период од еден месец за потенцијалните корисници. Идејата е слична на моделот на Снапчат+, кој исто така нуди дополнителни функции за напредни корисници. Лансирана во 2022 година, оваа услуга собра милиони претплатници и стана значаен извор на приходи за компанијата, независен од рекламирањето.
Сега и Мета има цел да ги зголеми приходите од претплати. Компанијата претходно најави дека ќе тестира нови типови претплати, вклучително и оние насочени кон ВИ функции. Покрај тоа, Мета поагресивно ги промовира и своите „Мета Верифициран“ претплати.
Компанијата неодамна тестираше и функции за споделување линкови во описите на објавите (captions) за претплатници, со ограничувања при споделување линкови на Фејсбук за корисниците без претплата.