Локалните власти во Вухан, во провинцијата Хубеи, во вторникот вечерта почнале да примаат „еден по друг“ повици за „повеќе возила „Аполо Го“ кои останале насред пат и не се способни за понатамошно движење“, соопшти полицијата.
„Аполо Го“ е услуга за такси без возач на „Баиду“, која од 2021 година наплатува превоз во Пекинг и функционира во одредени делови на повеќе градови.
„По истрагата, првичните наоди укажуваат дека причината за застојот е дефект на системот“, додаде полицијата, без да прецизира колку возила биле застанати.
Корисници на социјалните мрежи споделија видеа на кои се гледа како се обидуваат да стапат во контакт со корисничката служба од своите застанати роботаксија, додека покрај нив минуваат други возила.
„Аполо Го, дали си парализиран?“, напишал еден корисник на социјалните мрежи, споделувајќи видео од неуспешни повици кон компанијата преку таблетот во возилото. На воланот било видливо светлозеленото лого на „Аполо Го“.
Друг корисник напишал дека биле „заглавени“ насред улица повеќе од 30 минути. „Баиду“ засега не одговори на барањето за коментар.
Компанијата претходно најави дека ќе ги интегрира своите возила во популарните апликации за споделување превоз како „Лифт“ и „Убер“, и настојува да го прошири своето присуство надвор од Кина.
Во четвртиот квартал од 2025 година, „Аполо Го“ реализирал 3,4 милиони возења без возач, а вкупниот број на возења пораснал за повеќе од 200 проценти во споредба со истиот период претходната година. Според податоците на компанијата, во Вухан има флота од повеќе од 500 автономни возила.