Германскиот јавен долг минатата година пораснал на речиси три билиони евра

Германскиот јавен долг минатата година се зголемил за 144 милијарди евра, достигнувајќи вкупно 2,84 билиони евра, што претставува 63,5 проценти од бруто-домашниот производ (БДП) на земјата, соопшти денес Германска федерална банка

од Кристијан Димков
6 прегледи

Килскиот институт за светска економија проценува дека германскиот долг во 2026 година ќе изнесува околу 65 проценти од БДП, а во 2027 година дури 66,6 проценти, пред сè поради планираните милијардни инвестиции во инфраструктурата и одбраната.

Зголемувањето на долгот било поголемо од вкупниот државен дефицит од 119 милијарди евра, што го објави „Дестатис“, бидејќи дел од долгот бил искористен за акумулација на финансиски средства, што не се евидентира како дефицит, пренесува „Виртшафтсвохе“.

Долгот на сојузната влада се зголемил за 107 милијарди евра, додека долговите на сојузните покраини и општините пораснале за 19, односно за 25 милијарди евра.

Долговите на системот за социјално осигурување повеќе од двојно се зголемиле, од три на седум милијарди евра, но тие главно се водат како внатрешни кредити на сојузната влада и не влегуваат во вкупниот јавен долг.

Како членка на Европската Унија, Германија се задолжува и на европско ниво преку заедничкиот буџет. Германскиот дел од долгот во рамките на ЕУ се проценува на околу 118 милијарди евра, односно 2,6 проценти од германскиот БДП, во согласност со нејзиното учество во финансирањето на буџетот на ЕУ.

Експертите предупредуваат дека долгот расте побрзо од економскиот раст, а комбинацијата од внатрешни и европски обврски значи дека фискалната дисциплина и понатаму ќе биде предизвик за германската влада.