Бизарен момент на состанок во Москва: Ерменскиот премиер „му одржа лекција“ на Путин среде Кремљ

Рускиот претседател Владимир Путин се најде во непријатна ситуација за време на состанок во Кремљ, откако ерменскиот премиер Никол Пашињан отворено зборуваше за значењето на слободните избори и неограничениот пристап до социјалните мрежи

од Кристијан Димков
17 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/DRM News

За време на средбата, Пашињан нагласи дека Ерменија е демократска држава во која изборите се одржуваат редовно и со активно учество на граѓаните. Додека ги изнесуваше овие ставови, Путин, според снимките што се појавија во јавноста, делуваше нелагодно, го спушташе погледот, ги поместуваше нозете и нервозно ги движеше рацете.

„Што се однесува до нашите внатрешни политички процеси, знаете дека Ерменија е демократска земја. Кај нас редовно се одржуваат избори, а граѓаните слободно гласаат за или против политичките опции“, рече Пашињан.

Тој дополнително истакна дека граѓаните на Ерменија директно влијаат врз изборот на власта преку парламентарните избори, нагласувајќи дека тоа е темелот на политичкиот систем во таа земја.

„Нè очекуваат парламентарни избори и уверен сум дека тие дополнително ќе ја зајакнат демократијата и власта на народот во Ерменија“, порача тој.

Особено внимание привлече неговата изјава за слободата на интернетот, за која рече дека во Ерменија е целосно неограничена.

„Нашите социјални мрежи се, на пример, сто проценти слободни. Не постојат никакви ограничувања“, изјави Пашињан, што многумина го протолкуваа како индиректна критика на Русија.

Имено, Русија во последните месеци се соочува со обвинувања за засилена контрола на интернетот и ограничување на пристапот до мрежите. По донесувањето закон што им овозможува на властите по потреба да го исклучат интернетот, во големите градови како Москва и Санкт Петербург се забележани чести прекини на мрежата.

Критичарите тврдат дека властите ги користат овие мерки за да го сузбијат политичкото незадоволство и да го спречат организирањето на опозицијата, додека Кремљ ги отфрла ваквите наводи.

Путин, кој е на власт повеќе од две децении, повторно беше избран во 2024 година со, како што наведоа официјалните лица, 87 проценти од гласовите. Сепак, аналитичарите предупредуваат дека опозицијата во Русија делува во исклучително ограничени услови, со чести притисоци, апсења и егзил на политичките противници.