„Спејс Екс“ е подготвен да стане една од највредните компании котирани на светските берзи на капитал.
Компанијата – која произведува ракети, технологија за истражување на вселената и сателитите Старлинк – поднесе доверлива пријава до американската Комисија за хартии од вредност и берзи (SEC) за иницијална јавна понуда, што ќе овозможи тргување со акции на берза.
Се очекува вредноста на „Спејс Екс“, по неговото излегување на берза, да надмине еден билион американски долари, што би можело да биде едно од финансиски најзначајните дебија од овој вид во историјата. Уделот што го има Илон Маск во компанијата би можел да му помогне да го стекне статусот на првиот светски билионер.
Можно е „Спејс Екс“ официјално да излезе на берза некаде во јуни оваа година. Доверливата пријава за јавна понуда на акции до SEC ѝ овозможува на компанијата да избегне непосредно објавување информации во јавноста додека бара повратни информации од регулаторот.
Во следниот чекор, директорите на компанијата ќе започнат состаноци со големи инвеститори за да ги убедат да купат акции. Целта, по сè изгледа, е да се соберат 50 милијарди долари или повеќе. Претходно оваа година, „Спејс Екс“ ја презеде „xAI“, компанија што се занимава со развој на вештачка интелигенција. Внатрешните проценки ја поставуваат вредноста на компанијата по спојувањето на 1,25 билиони долари.
Во последно време, различните компании на Маск се сè повеќе меѓусебно поврзани. Минатата година, „xAI“ го презеде „X“, социјалната мрежа порано позната како Твитер, која Маск ја купи во 2022 година. Овој степен на консолидација беше јасен сигнал за инвеститорите дека „Спејс Екс“ се подготвува за излегување на берза.
Со оглед на големите амбиции, на компанијата ѝ е потребна огромна финансиска инјекција за да може да ги следи трошоците за компјутерска моќ, инфраструктура и енергија потребни за проширување. Претходно оваа година, „Тесла“ инвестираше повеќе од две милијарди долари во „xAI“. Маск најави дека значаен дел од производството на „Тесла“ ќе започне да се пренасочува кон изградба на роботи, кои би користеле „xAI“ технологија, како што е чат-ботот „Грок“.
Grok веќе е вграден во одредени модели на Tesla како асистент базиран на вештачка интелигенција. „Спејс Екс“ исто така би соработувал со „Тесла“ и „xAI“ во „Terafab“, голем потфат за масовно производство на чипови што Маск го најави минатиот месец.
Маск го основа „Спејс Екс“ во 2002 година со цел да ги намали трошоците за лансирање летала во вселената, главно преку изработка на ракети што можат да се користат повеќепати. Првиот договор со НАСА го склучи во 2006 година.
Денес, најголемиот дел од работата на „Спејс Екс“ сè уште се врти околу ракетите и функционирањето на Старлинк. Но, Маск има и други амбиции, вклучувајќи поставување дата-центри потребни за вештачка интелигенција во вселената и изградба на самooдржлив град на Марс, пишува Би-БИ-Си.