„Поминавме низ тешки односи со Иран. Ништо не им направивме. Тие го соборија нашиот авион, ги убија нашите патници и екипажот. Луѓе загинаа. Тоа не го признаа и не дозволија влез на експерти“, изјави Зеленски.
Тој потсети на уривањето на летот „Ukraine International Airlines 752“, кога во јануари 2020 година над Техеран беше соборен украински патнички авион, при што загинаа сите 176 лица во леталото.
Зеленски истакна дека односите дополнително се влошиле по почетокот на руската инвазија врз Украина.
„По почетокот на целосната војна, им дадоа на Русите дронови „Шахед“ со кои ги убиваа нашите цивили“, изјави украинскиот претседател.
Тој додаде дека се обидел да ја запре таквата практика по дипломатски пат.
„Сакав да го запрам тоа. Побарав од нив. Ветија дека нема да има повеќе од една испорака на дронови, но продолжија да лажат и да испорачуваат оружје“, изјави Зеленски.
На крајот заклучи дека поради таквото однесување, Иран го смета за одговорен за последиците од војната во Украина.
„Затоа ги сметам за соучесници на Русија“, порача Зеленски.