Русите собориле 148 украински беспилотни летала за три часа. Половина милион луѓе останале без струја

Руската војска рано во понеделникот соопшти дека нејзините единици за противвоздушна одбрана во период од три часа собориле 148 украински беспилотни летала, додека официјални лица информираа дека поради прекините поврзани со воздушните напади се обновува снабдувањето со електрична енергија за речиси половина милион домаќинства

од Кристијан Димков
8 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/ Radio Free Europe/Radio Liberty

Во соопштение на руското Министерство за одбрана се наведува дека единиците за противвоздушна одбрана во недела, меѓу 20 и 23 часот, пресретнале 148 дронови. Градоначалникот на руското црноморско пристаниште Новоросијск, Андреј Кравченко, извести дека остатоци од дрон погодиле висока станбена зграда. Засега нема информации за жртви.

Гувернерот на Севастопол, пак, соопшти дека овој пристанишен град на анектираниот полуостров Крим во текот на денот бил изложен на напади од четири дрона, а во најновиот бран биле соборени уште седум.

Исто така, во окупираната Донечка област на истокот од Украина, лидерот на самопрогласената власт, Андреј Чертков, изјави дека службите за итни случаи по украинските напади врз енергетската инфраструктура повторно ја воспоставиле електричната енергија во два големи града – Доњецк и Макеевка. Чертков претходно изјави дека речиси половина милион домаќинства останале без струја.

Службите исто така работеле на обновување на снабдувањето со електрична енергија по масовните прекини во областите од Запорошкиот регион под руска контрола, пренесува Ројтерс. Агенцијата извести и дека во неделата навечер беспилотно летало убило волонтер на цивилната заштита во руската погранична област Белгород, честа цел на украинската војска.