Шведска ја враќа готовината

На почетокот на месецот, шведската централна банка им препорача на домаќинствата да чуваат илјада круни по возрасно лице во готовина, што е приближно деведесет евра

од Кристијан Димков
14 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Al Jazeera English

Шведска долго време беше пример за безготовинско општество. Повеќето граѓани со години не допреле банкнота, бидејќи речиси ниту еден ресторан ниту продавница не прифаќаа готовина. Плаќањата се вршеа исклучиво со картички или преку интернет-сервиси. Банкарските филијали престанаа да примаат депозити и да исплаќаат готовина, а клиентите беа насочувани кон интернет-банкарство. Според официјалните статистики, количината на готовина во оптек во таа скандинавска земја е преполовена од 2008 година.

Шведската влада му претстави на парламентот предлог-закон кој ги обврзува супермаркетите и аптеките да прифаќаат готовински плаќања. Законот, исто така, бара од банките да им овозможат на своите клиенти да полагаат готовина. Продавниците и претпријатијата ќе мора да имаат пристап до услуги за полагање на своите дневни готовински приходи. Ова претставува целосен пресврт во однос на досегашната политика.

На почетокот на месецот, шведската централна банка им препорача на домаќинствата да чуваат илјада круни по возрасно лице во готовина, што е приближно деведесет евра. Тој износ треба да покрие една недела купување на основни потреби. Швеѓаните исто така се поттикнуваат да обезбедат повеќе начини на плаќање, вклучувајќи готовина, кредитни картички и интернет-сервиси преку мобилни телефони. Овој потег е образложен со потребата за случаи на привремени нарушувања, криза или, во најлош случај, војна.

Министерот за јавна администрација, Ерик Слотнер, објасни дека дигитализацијата на општеството се одвивала многу брзо и создала многу можности, но донела и одредени ризици. Еден од главните ризици е дигиталната исклученост да стане широко распространета, особено меѓу постарите лица. Од продавниците и аптеките се бара да прифаќаат готовина со цел да се зајакне подготвеноста на земјата. Шведска ги зајакнува мерките за цивилна подготвеност и тотална одбрана поради руската инвазија на Украина во 2022 година, а враќањето на готовината е составен дел од тие напори.