Два брода станаа првите пловила што поминаа низ Ормускиот Теснец откако САД и Иран договорија примирје во средата наутро. Според податоците на поморскиот сервис „MarineTraffic“, грчкиот брод за расут товар „NJ Earth“ го поминал теснецот во 10:44 часот по средноевропско време, додека бродот „Daytona Beach“, под либериско знаме, го сторил тоа порано, во 8:59 часот, испловувајќи од иранското пристаниште „Бандар Абас“ нешто повеќе од еден час претходно, пишува „Еуроњуз“.
Овие преминувања ги означуваат првите потврдени транзити според условите на кревкото двонеделно примирје, кое се однесува на најважната светска точка за транспорт на енергенси. Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи изјави дека на бродовите ќе им биде овозможен безбеден премин низ теснецот во период од две недели, но „во координација со иранските вооружени сили и со должно почитување на техничките ограничувања“.
Договорот беше постигнат само неколку часа пред истекот на рокот што го постави американскиот претседател Доналд Трамп, откако се закани дека „целата цивилизација ќе умре вечерва“ доколку Иран не се согласи да го отвори теснецот. Потоа објави прекин на бомбардирањето во замена за примирје.
Се проценува дека во Персискиот Залив во моментов се блокирани повеќе од 800 бродови, наведува угледното лондонско поморско списание „Lloyd’s List“. Сопствениците на бродовите што се заглавени таму потврдиле за „Lloyd’s“ дека уште во средата наутро започнале подготовки за нивно повторно ставање во движење.
Клучните детали од договорот и натаму се неизвесни. Додека Иран наведува дека се согласил на двонеделен безбеден премин со „технички ограничувања“, американскиот претседател Трамп најави „целосно, моментално и безбедно отворање“. Засега не е јасно дали двете страни се договориле за условите за плаќање на транзитот, ниту кога точно примирјето стапува во сила.
Нил Робертс, раководител на поморскиот и воздухопловниот оддел во здружението „Lloyd’s Market Association“, изјави дека прекинот на огнот генерално е добра вест за бродските компании, но дека тие и понатаму ќе трпат загуби и дека целосно враќање на сообраќајот на нивото пред војната во скоро време е малку веројатно.
„Бродовите што претходно не можеа да испловат сега ќе се обидат да го сторат тоа веднаш штом сопствениците и капетаните проценат дека е безбедно“, објасни тој, нагласувајќи дека регионот и понатаму ќе се третира како подрачје со зголемен ризик. „Од аспект на безбедноста, примирјето секако е добредојдено, но многу е малку веројатно дека трговијата во Заливот во меѓувреме едноставно ќе продолжи како порано“, додаде Робертс.
Еден регионален функционер изјави дека Иран и Оман ќе наплатуваат за премин на пловилата, при што Иран планира приходите да ги искористи за обнова. Неколку непотврдени извештаи наведуваат дека се разгледува надомест од околу 2 милиони долари (1,7 милиони евра) по брод. Иранскиот парламент моментално разгледува закон со кој би се регулирал системот на наплата.
Од средината на март, елитниот Корпус на чуварите на исламската револуција (ИРГЦ) и неговата морнарица управуваа со теснецот како своевидна наплатна точка, земајќи надоместоци за безбеден премин, во некои случаи во кинески јуани и криптовалути. Во својата историја како меѓународен пловен пат, Ормускиот теснец никогаш немал патарина.
Низ двете бродски рути во теснецот дневно поминуваат околу 20 милиони барели нафта и нафтени деривати, што претставува приближно една петтина од глобалната потрошувачка на нафта и повеќе од четвртина од вкупната поморска трговија со нафта, според податоците на американската Управа за енергетски информации. Околу една петтина од светската трговија со втечнет природен гас (ЛНГ) исто така поминува низ теснецот, при што Катар е главниот извозник.