Во Брисел разговори за затворање на уште две поглавја со Црна Гора

Црна Гора ги има отворено сите 33 преговарачки поглавја во процесот на пристапување кон ЕУ. Досега се привремено затворени 14 од вкупно 33 поглавја

од Кристијан Димков
8 прегледи Фото: UGC

Нацртите на заедничките позиции на Европската унија за поглавје 2 (слобода на движење на работниците) и 28 (заштита на потрошувачите и здравјето) во преговорите за пристапување на Црна Гора се на дневен ред на денешната седница на Работната група на ЕУ за проширување, потврдено е во Брисел, пренесува Портал РТЦГ.

Во агендата за денешната седница на Работната група на ЕУ се гледа дека започнува разгледувањето на заедничките позиции, што е чекор кон затворање и на овие две поглавја.

Европската унија и Црна Гора претходно привремено го затворија преговарачкото поглавје 21, кое се однесува на трансевропските мрежи. Тоа беше официјализирано на Меѓувладината конференција на 17 март во Брисел.

Црна Гора ги има отворено сите 33 преговарачки поглавја во процесот на пристапување кон ЕУ. Досега се привремено затворени 14 од вкупно 33 поглавја.

Од Европската унија нагласуваат дека понатамошниот напредок е условен со продолжување на реформските процеси, зајакнување на институциите и доследна примена на усвоените политики.

Црна Гора, како најнапреден кандидат за членство, продолжува со преговорите со цел затворање на преостанатите поглавја и приближување кон полноправно членство во Европската унија, соопштија претходно од црногорската влада.

Црна Гора е најнапредната држава во процесот на пристапување кон ЕУ, неодамна изјави портпаролот на Европската комисија, Гијом Мерсие.

Владата на Црна Гора, како што беше претходно објавено, постави цел да ги затвори сите поглавја во преговорите со ЕУ до крајот на оваа година, со цел членството да биде официјализирано во 2028 година.