Мелони: Не смее да има наплата за премин низ Ормутскиот теснец

„Доколку Иран успее да обезбеди овластување за наплата на дополнителни царини за транзит низ теснецот, тоа би можело да предизвика економски последици и промени во трговските текови“, изјави Мелони

од Кристијан Димков
12 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Официјален профил на Џорџа Мелони

Италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави во четвртокот дека повторното воспоставување на слободата на пловидба во Ормутскиот Теснец е од клучен интерес за нејзината земја и за Европската унија, и се обврза на соработка со партнерите за да се постигне таа цел. По американско-израелските напади, Иран го ограничи сообраќајот низ теснецот за да изврши притисок врз своите противници, што предизвика раст на цените на енергенсите, бидејќи приближно една петтина од светската нафта и гас поминува низ овој тесен морски премин, пишува Ројтерс.

Како дел од своите предлози за завршување на војната, Техеран сака да воведе надоместоци за бродовите што поминуваат низ Ормутскиот Теснец. „Доколку Иран успее да обезбеди овластување за наплата на дополнителни царини за транзит низ теснецот, тоа би можело да предизвика економски последици и промени во трговските текови“, изјави Мелони во Долниот дом на парламентот.

„Веќе соработуваме со коалицијата за Ормутскиот теснец, предводена од Обединетото Кралство и составена од повеќе од 30 земји, со цел да создадеме безбедносни услови за целосно обновување на слободата на пловидба и снабдувањето“, додаде таа. Сепак, потпретседателот на владата Матео Салвини во средата изјави дека Италија нема да испраќа бродови за патролирање во таа област без мандат од ОН.

Мелони ги осуди сите прекршувања на двонеделниот договор за прекин на огнот што претходно оваа недела го договорија САД и Иран. Таа исто така го повика Израел да ги прекине воените операции во Либан и, и покрај обвинувањата од опозицијата дека е премногу блиска со претседателот Доналд Трамп, го повтори своето противење на американската одлука за напад врз Иран.

„Бевме на чекор од точка од која нема враќање, но сега пред нас е кревка перспектива за мир што мора решително да ја следиме“, порача Мелони.

Ова беше прво обраќање на италијанската лидерка во парламентот по тежок пораз на референдумот за реформа на правосудството пред две недели, што доведе до неколку оставки во нејзината влада. Во своето едночасовно обраќање, таа ја исклучи можноста за поширока реконструкција на кабинетот и вети дека ќе го одработи целиот парламентарен мандат, кој трае до втората половина на следната година.