Евростат: Социјалните мрежи исклучително популарни меѓу младите Европејци

Социјалните мрежи се исклучително популарни меѓу Европејците, при што 89,3 проценти од младите на возраст од 16 до 29 години во земјите на Европската унија (ЕУ) користеле социјални мрежи во текот на 2025 година, објави денеска Евростат

од Кристијан Димков
8 прегледи Фото: GrokAI
Во 19 од 27 земји членки на ЕУ, повеќе од 90 проценти од младите користат социјални мрежи.

Највисока стапка на користење е забележана на Кипар, каде социјалните мрежи ги користат 98,3 проценти од младите, а следуваат Чешка со 97,2 проценти, Данска со 96,9 проценти и Финска со 96,6 проценти. Најниски стапки се регистрирани во Италија (80,3 проценти), Германија (84,2 проценти) и Луксембург (84,8 проценти).

Најголема разлика меѓу младите и вкупната популација во користењето на социјалните мрежи е забележана во Хрватска – 29,2 процентни поени, каде социјални мрежи користат 61,5 проценти од вкупната популација, наспроти 90,7 проценти од младите.

Следуваат Австрија со разлика од 28,2 процентни поени (67,9 проценти наспроти 96,1 проценти) и Полска со 27,2 процентни поени (63,3 проценти наспроти 90,5 проценти).

Најмал јаз е забележан во Данска – 7,2 процентни поени (89,7 проценти наспроти 96,9 проценти), Малта – 10,3 процентни поени (81,6 проценти наспроти 91,9 проценти) и Кипар – 11,8 процентни поени (86,5 проценти наспроти 98,3 проценти).