На германскиот пазар на електрични автомобили се случи голем пресврт. Само една година по падот на побарувачката поради укинувањето на субвенциите, електричните автомобили во март 2026 година ги надминаа бензинците по бројот на нови регистрации.
Во текот на март во Германија се регистрирани 294.161 нови возила, што е раст од 16 проценти во однос на претходниот месец. Од нив, дури 70.663 се целосно електрични автомобили, односно 24 проценти од пазарот. Со тоа, ЕВ моделите за првпат ги надминаа бензинците, кои сега имаат удел од 22,8 проценти, додека дизел возилата учествуваат со 12,8 проценти.
Во споредба со март минатата година, продажбата на електрични возила пораснала за дури 66,2 проценти, додека во првите три месеци од годината се испорачани 159.630 ЕВ модели, што претставува раст од 41,3 проценти.
Голем раст бележат и хибридите. Во март се продадени 117.845 хибридни и „плаг-ин“ хибридни возила, па електрифицираните модели (EV + PHEV) сега сочинуваат повеќе од 40 проценти од сите нови регистрации. На растот придонесоа и новите државни мерки. Од почетокот на годината, електричните автомобили во Германија се ослободени од данок на моторни возила до крајот на 2035 година, со субвенции од 3.000 до 6.000 евра, додека за купување плаг-ин хибриди возачите можат да добијат до 4.500 евра поттик.
Меѓу брендовите особено се издвојуваат Tesla, BYD и Leapmotor, но и традиционалните европски производители како „Audi“, „BMW“ и „Opel“, кои бележат силен раст на продажбата на електрифицирани модели.