Дуото Дац и Александар сними нова верзија на велигденскиот хит „На Велигден сум се заљубил“ заедно со Џина Папас-Џокси кој оригиналната верзија ја сними во 1991.
– Со голема чест и љубов ви ја претставуваме новата верзија на легендарната песна „На Велигден сум се заљубил“. Ова е наша музичка честитка за Велигденските празници, создадена со нова енергија за сите генерации – дома и низ светот Направено со многу љубов од нашиот креативен тим – пишува под објавената нова верзија на хитот на Јутјуб.
Новата верзија претставува спој на традицијата и современиот музички израз, со јасна порака – љубовта и музиката остануваат вечни вредности, особено во предвечерието на големиот христијански празник Велигден.
Оригиналната композиција „На Велигден (На Велигден сум се заљубил)“ датира од 1991 година и претставува авторско дело на Џина Папас Џокси, кој ги потпишува и музиката и текстот. Аранжманот на оригиналната верзија е на Тоше Поп Симонов.
Новата верзија на песната ја пеат Џокси, Дац и Александар, продукцијата е на Александар Митевски, а песната има и дополнителна строфа која ја напишал Огнен Неделковски.