Во секоја претходна прес конференција откривме по едно лице на Груевски, кој со сите сили се обидувал да ги сокрие од јавноста, рече на денешната прес конференција претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
„Денеска ќе слушнете колку Груевски бил нечесен, користољубив и алчен кога биле во прашање неговите интереси во општина Центар, зошто се менувале деталните урбанистички планови (ДУП) во оваа општина. Ќе слушнете зошто се случувала целата драма околу претседавачот на Центар, Шиповиќ, притисоци на советниците и зошто го поништил гласањето таму“, рече Заев.
Според Заев, мегаломанските апетити на Никола Груевски оделе дотаму, што ги сменил ДУП Тасино чешмиче 1 и Капиштец- Водно, затоа што удрил мерак на „двете атрактивни локации“.
Според стариот ДУП, едната локација во Капиштец-Водно, била предвидена за спорт и рекреација, а со новиот била пренаменета за „домување со посебен режим“, а сопственик на овие парцели биле фирмите „Кара“ на Орце Камчев и оф-шор компанијата „Ексико“.
На другата локација во Капиштец-Водно, рече Заев, стариот ДУП гласел „заштитно зеленило“ без никакви маркици за парцели. Со новиот ДУП, истите биле пренаменети во три огромни парцели за куќи со површина од 11.000м2, а сопственици на истите, како што рече Заев, биле оф-шор компанијата од Белизе, управувана од Ристо Новачевски, кум на Груевски од првиот брак, чија што сопруга се уште работела во кабинетот на премиерот.
„На оваа прес конференција покажуваме две карактеристики на Груевски – нечесноста и алчноста. Се возел со фамозно комбе со неколку соработници од извршната власт и зборувал со шифри за да ги задоволи своите мегаломански апетити“, рече Заев,
Денеска тој презентираше аудио снимки од разговори меѓу Никола Груевски и Миле Јанакиевски, од кои, според Заев, се гледало вистинското лице на Груевски.
Заев рече дека единствен спас на државата било оставка од премиерот и формирање на преодна влада
