Ако мислевте дека првата епизода од „буткемпот“во неделата беше тензична, тогаш што да кажеме за вчерашната? Во вториот дел од оваа фаза на натпреварувањето, својата шесторка требаше да ја изберат Жељко и Тончи.
Притоа задачата да им биде ментор на девојчињата му беше дадена на Жељко, додека бендовите ги доби Тончи.
Иако Жељко на почетокот изјави дека неговата е најсензитивната група и дека и тој има ќерка на таа возраст, некако не покажа преголема тактичност и емпатичност при одлучувањето. Напротив, тој беше најстрогиот и најдраматичниот судија, кој дури и прекрши едно од правилата на Икс фактор и направи замена на натпреварувачи пред воопшто да ги наполни сите столчиња. Во неговата група имаше и најмногу солзи, не толку поради одлуките да испрати дома учесници или самата нивна возраст, колку поради чудните тестови и стресови пред кои ги ставаше кандидатите.
Милица, една од неговите натпреварувачки дури два пати се враќаше на сцената за тој да ја истестира нејзината желба да остане во Икс фактор, и покрај тоа што и самиот Жељко сподели дека нема дилеми во нејзините вокални способности, само поради тоа што не сакаше да искритикува негативно една учесничка од нејзината група. На крајот Тончи, по трет пат ја повика на сцената и ја смести во групите.
И Тончи немаше лесна задача со бендовите, но веројатно поради групната поддршка и често вештачкото спојување на екипите, тие не ги примаа елиминациите толку тешко како групата девојки.
Оваа вечер не донесе среќа на македонските изведувачи. Ниту Марија кај девојките, ниту пак трите дуа во бендовите успеаја да влезат во следната фаза од натпреварувањето. Засега во Икс фактор остануваат тројца макендоски изведувачи и тоа од редот на групите на Александра и Масимо.