Вчерашното издание на Икс Фактор беше вистински ролеркостер на емоции. Никој не беше сигурен дали ќе остане во шоуто. Со излегувањето на четворица од натпреварот, доживеавме пресврт во настаните и се разделивме со луѓе за кои сите мислеа дека ќе ги гледаме во финале.
Најмалку очекувавме, барем ние Македонците, дека шоуто ќе го напушти Давид Темелков. Тој имаше одличен настап во неделата и доби супер критики од жирито, но очигледно публиката не гласала доволно за да влезе во финалето.
Бидејќи гласовите од двете вечери беа калкулирани заедно, тој се најде во последните 6 според број на гласови и пееше песна за спас и останување во натпреварот. Тој ја изведе „Игри без граници“ од Тоше Проески, но на жалост настапот не ги освои срцата на жирито и остана само со поддршката од Александра, додека Жељко, Тончи и Масимо одлучија да го дадат својот глас за бендот Хајвеј Трио.
Давид има 22 години и живее во Скопје, а студира на Факултетот за музичка уметност.