solarnaVeternici-540x320

За регионот на Југоисточна Европа поисплатливо е да се применат климатските политики на ЕУ за 2050 отколку да продолжи со градење термоелектрани, покажува Енергетскиот модел на СЕЕ СЕП проектот.

Климатските цели на ЕУ за 2050 година предвидуваат намалување на емисиите за 80 отсто, а за да се постигнат треба да се затворат термоелектраните во Југоисточна Европа и да се заменат со обновливи извори на енергија. Енергетскиот модел, информираат од Аналитика, покажа дека е технички изводливо тоа да се постигне во сите седум земји на ЈИЕ.

– Втор значаен резултат од моделот е дека за земјите од ЈИЕ поевтино е да ги применат климатските цели на ЕУ за 2050 отколку да продолжат да инвестираат во термоелектрани. Моделот, исто така, покажува дека со следење на климатските политики на ЕУ до 2050, земјите од регионот не само што ќе ги намалат своите емисии, туку ќе оневозможат дополнителни здравствени трошоци како последица од климатските промени, соопшти Аналитика.

Енергетскиот модел, се нагласува во соопштението, покажува дека со регионална соработка визијата да се постигнат климатските цели на ЕУ и со тоа да се има одржлива енергетска реалност со нови работни места може да стане реалност.

– Моделот развива нискокарбонски сценарија до 2050 и се темели на јавни податоци и консултации со над 500 чинители. Енергетскиот модел првобитно е развиен од Одделот за енергија и климатски промени на Обединетото Кралство. Искуствата од таму укажуваат дека дискусијата за енергетските прашања е поквалитетна ако е отворена. За таа цел овој модел е од отворен карактер и секој чинител или граѓанин може да го погледне и да го користи, велат од Аналитика и додаваат дека моделот денеска се презентира на конференција во Европската комисија во Брисел. /МИА

Слични содржини