Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) нема да биде дел од евентуален политички пазар меѓу партиите врз грбот на слободата на медиумите. Ако има таков обид жестоко ќе се спротиставиме и ќе ги искористиме сите демократски за да спречиме тоа да се случи, истакна денеска претседателот на ЗНМ Насер Селмани на завршната конференција „Реформи во медиумскиот сектор во Република Македонија“.

Беа промовирани анализи на медиумскиот систем во Македонија и на случаи на клевета и навреда, во кои според Селмани има системски решенија базирани на европски стандарди и искуства за да се подобри состојбата со слободата на медиумите во Македонија.12092502_10153640819079804_1148017426_n

– Прашање е дали политичките партии сакаат вакви европски решенија. Ако постои искрена волја кај париите може да дојдеме до решение многу брзо. За жал последните денови слушам разни изговори од некои политички партии дека немало доволно време за сериозни промени во медиумскиот систем. Заговараат политички пазар меѓу власта и опозицијата кој нема да донесе поголем медиумска слобода туку само поделба на влијанието меѓу политичките актери во медиумите. Во ЗНМ вакви аргументи нема да поминат. Ние тврдиме дека време за суштински реформи има и можности за брзи решенија постојат, рече Селмани.

ЗНМ предлага забрана на политичкото рекламирање вонајвлијателните медиуми затоа што не сака медиумите да продолжат да бидат заложници на рекламирањето на најбогатите партии.

– Нудиме решенија за деполитизација и департизација на МРТ и медиумскиот регулатор. Програмскиот совет на МРТ не смее да биде под контрола на владејачките партии туку тој треба да ја одрази различноста на македонското општество. Потребен е нов модел на финансирање на МРТ и медиумскиот регулатор, изјави претседателот на ЗНМ.12092270_10153640819359804_1587402937_n

Важно е, истакна вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими, да се фокусираме на препораките. – Не очекува многу работа, а институциите веќе работат на исполнувањето на реформските препораки за слободата на медиумите и оти веќе е реализирана една дебата, додаде тој. Потсети на она што веќе е направено од страна на Владата, како носење на законот за декриминализација на клеветата, преводи на пресуди од Судот за човекови права, поддршката за основање на Советот на етика во медиумите, работната група за финансирањето на јавниот сервис, мораториум на владините реклами и друго.

Амбасадорките на Германија и на Франција Кристине Алтхаузер и Лоренс Оер, посочија на актуелниот политички момент во земјата и претстојните разговори за регулирање на медиумската сфера што произлезе од договорот од Пржино и на важноста во тој контекст на податоците од денешните анализи.

– Медиумите се еден од столбовите на функционирањето на парламентарната демократија, посети германската амбасадорка, посочувајќи дека медиумските реформи се од особена важност.

Анализата на медиумскиот систем во Македонија ги опфаќа јавните пари и рекламирањето, насоки за измени во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и реформа за МРТ. Втората промовирана анализа се однесува на слуачите на клевета и навреда, при што се посочува на намалување на тужбите во споредба со минатата година.

Исто така на конференцијата стана збор и за насилството врз новинари и медиумски работници, за што беше посочено дека доколку наскоро не се решат 23-те случаи, ЗНМ ќе бара тие да бидат решавани од страна на специјалната јавна обвинителка.

Според учесниците на конференцијата досега не беше покажана повидлива и искрена волја за решавање на проблемите со состојбата во медиумите и слободата на изразување и од тој аспект е важно што конференцијата се одржува во еден важен, транзициски момент во кој тече спроведувањето на четирипартитниот договор насочен кон постигнување решенија за излез од политичката криза, а неговата целосна имплементација ќе зависи од спроведувањето на медиумските реформи.

На конференцијата учествуваа претставници од сите засегнати страни, дел од нив укажаа на одредени пропусти во анализите, но и на потребата да се дебатира за прашања како што се колективниот договор за вработените во медиумите и друго. /МИА

Слични содржини