Загинатите во нападот на вооружени исламисти врз хотелот “Радисон” во малиската престолнина Бамако станаа девет, соопшти британскиот весник “Дејли мејл”, цитиран од агенциите.
Според малискиот министер за безбедност најмалку тројца заложници се убиени, пренесе Франс прес.
Меѓу 170-те заложници – 140 клиенти на хотелот и 30 лица од персоналот има најмалку седум државјани на Кина, соопшти агенцијата Ксинхуа. Телевизија “Ал Џезира” соопшти за неколку француски војници меѓу заложниците.
Според турската Агенција Анадолу шестмина вработени на Туркиш ерлајнс се земени за заложници. Еуроњус, објавија дека меѓу заложниците има членови на меѓународна делегација која учествува на самит на Франкофонијата.
Терористи држат 170 заложници во “Радисон Блу” во малијската престолнина, има загинати
Меѓу заложниците најверојатно е најбогатиот човек во Африка, нигерискиот милијардер Алико Данготе, соопшти “Ал Џезира”, цитирана од агенциите. Тој ја поседува корпорацијата “Данготе” за екстракција на минерали. Според податоците на “Форбс” Данготе е најбогат човек во Африка и на 67-то место во глобалниот рејтинг на милијардери.
Извор од локалната полиција изјавил дека напаѓачите, најверојатно исламисти, ослободиле десетина заложници, кои можеле да рецитираат Куран, пренесоа агенциите. Според очевидци неколку заложници успеале сами да избегаат.
Според извор од малиските сили за безбедност, напаѓачите влегле во реонот на хотелот со автомобил со дипломатски број.
Според командантот на армијата Модибо Траоре десет вооружени мажи упаднале во хотелот наутро со извици “Алах акбар ” / Бог е велик / на арапски, а потоа отвориле оган врз стражарите.
Хотелот е опкружен од малиски војници, полициски и специјални единици на жандармеријата. Пристигнале исто војници од силите на ОН во Мали и француски војници од антитерористичката операција “Бархан”.