Собранието не го прифати предлог-законот за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатија со општествена и државна сопственост, поднесен од опозицијата.
Со него се предлагаше, сите работници кои останале под стечај, да можат од Агенцијата за вработување да добијат надомест од 30 проценти од просечно исплатената нето-плата во претходната година.
Пратениците од опозицијата потсетија дека, со веќе донесените закони во 2008 и 2014 година, не е решен проблемот на сите стечајни работници.
Стечајците денеска ги повикаа пратениците да се ослободат од партиското влијание и да размислуваат со своја глава, но нивните апели не допреа до народните избраници. Следно најавуваат улични протести, блокади на институциите и штрајк со глад.
Ова е значи трагедија за една земја како Македонија да секаде се фрлаат пари за прометееви гаќи, на споменици, на статуетки, на шмизли, на огради, на владини фасади, само нема пари за оваа категорија измачени изработени граѓани кои едно време ја градеа оваа држава. Стечајците во овие срудени денови немаа ни дрва, некои немаа ни леб, секој ден по здруженија се собираат пари некој да купи леб или лекови – изјави лидерката на стеќајците Лилјана Георгиевска.
