Прес конференција
Пеце Мирчевски, претседател на Комисија за животна средина и просторно планирање член на ИО на СДСМ
Скопје, 19.07.2016
Почитувани граѓани,
Проектот Иловица има сериозни закани по здравјето на луѓето.
Според стручни анализи, очигледно е дека ќе предизвика загадување со опасни тешки метали и хемиски супстанции на воздухот, водата и земјиштето од коешто живеат граѓаните во струмичкиот регион. Ова на подолг рок ќе направи непоправливи промени на релјефните карактеристики што допрва ќе се види како ќе се одрази во следните две децении.
Јавноста со право отворено и гласно поставува прашања поврзани со отворањето на најавениот рудник Иловица.
Работата на рудникот “Иловица“ се заканува да предизвика загадување на водата и на почвата.
Како резултат на постоење на хидројаловиште постои опасност од загадување на подземните води. Промените во квалитетот на водата вклучуваат зголемување на киселоста на водата и зголемени концентрации на метали, како и цинк, алуминиум, арсен, бакар, железо…
Цијанидот, којшто е една од најотровните хемиски супстанци, а што ќе се употребува за чи
стење на златото, ќе се одложува во хидројаловиштето на рудникот, а инвеститорот не гарантира 100% заштита од одложеното отровно дејство.
Како што пишува во официјално објавените документи, проектот ќе предизвика неповратна загуба на пошумено земјиште во долината на река Штука и загуба на пошумено земјиште во зоната на површинскиот коп. Ќе бидат уништени повеќе од 330 хектари шумски насади и повеќе од 40 хектари пасишта, односно околу 400 хектари живеалишта, каде се евидентирани неколку заштитени видови флора и фауна од Европската директива за живеалишта и според листата на Европската унија за заштита на природата (IUCN). Дополнително, релјефот целосно ќе се промени, а половина од планината ќе ја снема.
Да повторам, сѐ ова се податоци извадени од официјални документи.
Оттука, во името на граѓаните од Струмичкиот регион, но и пошироко во државата инсистираме на одговори:
– Зошто е избрано решението со користење на цијанид во постапката за екстракција на златото? Дали се разгледани други алтернативи и, ако се, зошто не е избрана некоја што има помало влијание врз животната средина и здравјето на луѓето?
– Второ, дали жителите можат да бидат сигурни дека нема да им биде нарушено снабдувањето со вода за пиење и наводнување од акумулацијата и кој гарантира дека ќе се задржи квалитетот на водат?
– Дали предвидената невозможна операција за преселување на загрозените животни на нови живеалишта ќе гарантира нивна заштита од угинување?
– Дали на Струмичко Поле, еден од најплодните региони во Македонија му се заканува целосно уништување? Можно ли е да се случи за неколку години од сега земјиштето да не може повеќе да се употребува за одгледување на земјоделски култури?
Владата и надлежното министерство за животна средина мора да ги дадат на јавноста одговорите на сите отворени прашања.
Порачуваме, на сите поединци и институции вклучени во издавањето дозволи за реализација на проектот, дека за нарушување на здравјето на луѓето и неповратното влијание врз животната средина лично ќе одговараат.
