МФ: Јавниот и државниот долг во вториот квартал намалени за над 50 милиони евра

од desk3
67 прегледи

За над 50 милиони евра се намалени државниот и јавниот долг во вториот квартал годинава. Согласно податоците кои ги објави Министерството за финансии на својата веб-страница, државниот долг заклучно вториот квартал годинава е 36,9 отсто од БДП, што споредено со претходниот квартал претставува намалување за 0,6 процентни поени или за 59,5 милиони евра.

Javna administracija, ministerstvo za finansii i  ministerstvo za obrazovanie i nauka

Јавниот долг, пак, е 45,3 проценти од БДП, што споредено со претходниот квартал претставува намалување за 0,6 процентни поени или за 56,9 милиони евра.

Во вториот квартал годинава, Владата изврши исплата на обврзниците за денационализација во висина од 12,1 милиони евра и емитуваше нова 15-та емисија на обврзници за денационализација во вредност од 12 милиони евра.

Од Министерството за финансии велат дека и кај состојбата на државните хартии од вредност има намалување од 50,5 милиони евра, што е во насока на стратегијата за намалување на домашното задолжување со цел ослободување повеќе средства за кредитирање на корпоративниот сектор. Исто така, од Министерството велат дека во овој период биле отплатени доспеани обврски од кредитни аранжмани.

Согласно проекциите на Министерството за финансии, како што неодамна изјави министерот за финансии Кирил Миноски, до крајот на годината јавниот долг ќе се задржи под 50 отсто од бруто-домашниот производ, што е под Мастришкиот критериум од 60 отсто. До крајот на годината, како што најавија од Министерството, ќе се исплатат доспеани обврски во вредност од 180 милиони евра./МИА