Демократскиот сојуз (ДС) на сите граѓани на Република Македонија, без разлика на нивната етничка или верска припадност, им го честита најголемиот двоен празник на македонската државност – Втори август.
– Илинден е денот кога во 1903 и 1944 година Македонскиот народ ги постави темелите на својот вековен стремеж – сопствена независна држава. Таа не е добиена на подарок, туку е извојувана со многу жртви и страдања, со силна желба за слобода и со огромни самооткажувања на целиот Македонски народ. Денес е денот кога треба да помислиме на идеалите на Илинденците и на Асномците и да докажеме и покажеме дека сме достојни на нивниот завет. Денес е денот кога треба да размислиме каде сме и дали сме го одбрале вистинскиот пат во градењето независна македонска држава, стои во честитката од ДС..
Токму затоа, се подвлекува, Илинден не смее да се сведе само на ден за неработење и држење празни политички говори, туку мора да биде лекција за вистинското значење на она што нашите јуначки предци ни го оставиле во аманет. Тоа, се вели во честитката од ДС, е дека Македонија е сѐ што имаме и дека битката за правда и слобода никогаш не престанува.